Македонија
Заев – Гир: Да се направат сите напори за операционализирање на историската одлука на ЕУ за почеток на преговорите
Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со американскиот амбасадор во земјата, Дејвид Гир, при што му се заблагодари за помошта на Европската Унија за надминување на пандемијата на Ковид-19 преку дадената хуманитарна помош и финансиската поддршка.
Премиерот Заев истакна дека Владата е цврсто посветена на својата агенда за интеграција во Европската Унија, што е стратешка цел на земјата, при што додаде дека заклучоците на Советот на ЕУ од март 2020 година потврдија дека земјата е подготвена да ги отвори пристапните преговори со ЕУ.
Беше констатирано дека следејќи ги препораките содржани во извештајот на Европската комисија за 2020 година, Владата прави силни напори да ги зајакне домашните ЕУ-реформи на ефикасен и инклузивен начин. Покрај тоа, премиерот Заев изрази благодарност за планот за економски инвестиции усвоен од Европската Унија како силен сигнал за посветеноста и поддршката на ЕУ за економскиот напредок на регионот на Западен Балкан.
Двајцата се согласија дека треба да се направат сите напори за операционализирање на историската одлука на ЕУ за отворање преговори со Северна Македонија со цел одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на 2020 година за време на германското претседателство со ЕУ.
Амбасадорот Гир исто така ја истакна важноста на постојаните напори за решавање на отворените билатерални прашања.
Од своја страна, амбасадорот ја поздрави заложбата на Владата да продолжи да напредува во спроведувањето на реформите поврзани со Европската Унија, кои, пред сѐ, се во интерес на сите граѓани, но и важни за приближување на Северна Македонија кон ЕУ.
Што се однесува до пандемијата предизвикана од Ковид-19, амбасадорот Гир потсети на сеопфатната поддршка што ЕУ ѝ ја дава на Северна Македонија во овој поглед во областа на здравствената заштита и макрофинансиската поддршка и заштитата на работните места.
На средбата беше заклучено дека економскиот и инвестицискиот план усвоен од ЕУ, кој го презентира комесарот за соседство и проширување на ЕУ, Оливер Вархељи, во октомври, особено нуди перспективна поддршка на економското закрепнување од пандемијата преку значителни инвестиции во агендата за поврзување, зелената агенда, бизнисот и човечкиот капитал.
Меѓу другото, беше разговарано и за резултатот од самитот на Берлинскиот процес, на кој Северна Македонија беше кодомаќин со Бугарија на 10 ноември.
Амбасадорот ги поздрави преземените обврски за воспоставување заеднички регионален пазар заснован на принципите на единствениот пазар на ЕУ – слобода на движење на капитал, стоки, лица и услуги, при што беше истакнато дека овие активности ветуваат значителни придобивки, кои ќе произлезат од поголема интеграција во рамките на Западен Балкан и во ЕУ.
Соговорниците ја истакнаа важноста на зелената агенда на Западен Балкан, на која лидерите се обврзаа и која постави патека за решавање на некои од најгорливите прашања во нашето време, вклучувајќи ги климатските промени, деградација на животната средина и губењето на биодиверзитетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

