Македонија
Заев: Да не постоеше Гоце Делчев, ќе требаше да го измислиме за да биде мост на пријателството

Да не постоеше Гоце Делчев, ќе требаше да го измислиме за да биде мост на пријателството меѓу двете земји, истакна премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања за разговорите со Бугарија.
Премиерот е оптимист дека македонско-бугарската Мешовита комисија за историски прашања ќе успее да најде решенија и оцени дека вчерашниот состанок поминал позитивно. Тој вели дека сме мал регион и меѓусебно сме историски поврзани, па неопходно е да бидеме паметни за заедничката историја од минатото да нè прави поголеми пријатели, а не да нè разделува.
Премиерот порача дека целиот македонски народ е позитивен кон бугарскиот народ и обратно, па оттука верува дека бугарскиот премиер Бојко Борисов сака да продолжи да помага на процесите на интеграцијата на Западен Балкан.
„Верувам дека постои период на позитивни информации, јас сум непоправлив оптимист и гледам успеси како можност“, рече Заев.
Запрашан дали државата има план Б ко во декември не почнат преговорите за членство со ЕУ, Заев одговори: „Во моето скромно политичко искуство како претседател на Владата не разработувавме никогаш план Б бидејќи тогаш би значело дека се откажуваме од планот А. Не сакам да разговарам за план Б, мора да успееме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце се бележи зголемена фреквенција на возила времето на чекање за влез во државата е околу 30-45 минути, на ГП Богородица за излез е околу 20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Посебен режим на сообраќај денеска и утре во Скопје

СВР Скопје ги известува граѓаните дека денеска и утре поради одржување на средба на лидерите од Западен Балкан, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 37 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Времето во наредните денови
Во текот на оваа седмица времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен пораст.