Македонија
Заев до новоименуваната амбасадорка на САД: Северна Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД
Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска ја прими во посета новоименуваната амбасадорка на САД во земјава, Кејт Мари Брнз. Тој ѝ посака добредојде и успешен мандат на амбасадорката Брнз и изрази благодарност за одличната работа на претходниот американски амбасадор Џес Бејли и заменик шефот на мисијата, Микаела Швајцер Блум.
Заев како долгорочен интерес на земјата го издвои натамошното интензивирање на билатералната политичка и економска соработка со САД, како и посветеноста на реформската ЕУ агенда за достигнување конкретни резултати во областа на владеењето на правото, антикорупцијата, реформите во безбедноста и јавната администрација.
Премиерот Заев и амбасадорката Брнз се согласија дека Северна Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД, фокусиран на заедничките заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот, како и за заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани кон мирот во светот.
На средбата е изразена подготвеност за прифаќање на обврските кои произлегуваат од полноправното членство на НАТО до крајот на 2019 година и почетокот на 2020 година, како што е зголемувањето на БДП од 0,2% годишно на 2% до 2024 година, модернизација на армиските капацитети и зголемување на учеството во заеднички мисии. Амбасадорката Брнз на средбата рече дека Соединетите Држави со нетрпение очекуваат во наредните месеци да и посакаат добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, и додаде дека ќе ги вложи своите капацитети и досегашно искуство за да продолжи успешно, економската и политичката соработка меѓу САД и РСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

