Македонија
Заев до Фаго: Секоја посета на високи претставници на НАТО е знак за силна поддршка на нашата земја
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, прими делегација на Јужното крило за здружените сили на НАТО, предводена од командантот на оваа формација на алијансата, адмирал Џејмс Фого, кои беа придружувани и од делегација на Канцеларијата на НАТО во нашата земја.
Премиерот Заев на средбата истакна дека посетата на делегацијата на Јужното крило за здружените сили на НАТО, предводена од командантот, адмирал Фого, е уште едно значајно признание и охрабрување за нашата земја во еден исклучително значаен период кога процесот за уставните измени влегува во завршница и кога успешниот епилог на процесот ќе ја активира постапката за потпишување на протоколот за пристапување на Република Македонија во членство во алијансата.
„Тоа за нас е мотивација да продолжиме со целосна посветеност на нашите реформи, како и на нашето учество во мисиите на НАТО, кои истовремено се драгоцено искуство за нашата земја и за нашата армија уште во оваа фаза до полноправното членство во сојузот“, рече претседателот на Владата.
Премиерот Заев потоа зборуваше и за силниот поттик што овој процес го прави во економијата и на вкупниот општествен развој на земјата поради фактот што најавената успешна завршница на аспирациите за членство во НАТО создаде доверба дека земјата обезбедува мир и безбедност како основна претпоставка за сигурност и за просперитет за граѓаните на Република Македонија.
Адмиралот Фого, од своја страна, и во име на НАТО, изрази силна поддршка за постигнатото и оддаде искрено признание за капацитетите и за мотивацијата на припадниците на АРМ во мисиите на НАТО и изрази уверување дека припадниците на македонската армија, учесници во овие мисии, ќе се вратат побогати со искуство кое потоа ќе може да им го пренесат и на своите колеги во армијата.
Адмирал Фого ја поздрави и одлуката на Владата на РМ и на Министерството за одбрана, полигонот Криволак да биде ставен на користење за потребите на НАТО и ги нагласи цивилните и економските придобивки што земјите членки и сојузници на алијансата ги стекнуваат од меѓусебната соработка
Командантот на Јужното крило за здружените сили на НАТО, адмирал Џејмс Фого, ја истакна и улогата што Република Македонија ја има во регионот во еден чувствителен период, особено со позитивниот пример за решавање на меѓусоседски прашања, како што беше прашањето за името со Република Грција, и додаде дека со членството на нашата земја во НАТО алијансата добива уште еден партнер во мисијата за одржување на рамнотежата и мирот во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.
Македонија
Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени се сите рокови за архивирање на документите
Стариот закон ги обврзува институциите да ги чуваат документите за извоз на мозоците како биолошки материјал 15 години, а новиот, од 2018 година вели да се чуваат 25 години. И по двата закона роковите се истечени и институциите немаат обврска да ја чуваат документацијата за извозот кој се случил пред 30 години. Вака министерот за здравство Азир Алиу објасни за истрагата која се прави во Министерството за извезените мозоци од починати Македонци со психијатриска дијагноза кои во научни цели биле извезени во САД.
„Јас барам од нашата група да дојде до информации како е тоа направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тука е нашето. Но, има и втор момент за кој морам да ве информирам, според стариот закон до 2018 година сите материјали, административни документи законски било да се чуваат 15 години. Од 2018 година, според ЕУ директивите, сите документи кои се поврзуваат со таков тип биолошки материјал треба да се чуваат 25 години. Ако земеме и новиот и стариот закон, а се работи за проект пред 30 години, се плашам дека можеби некоја институција може и да ги нема тие документи архивирано“, рече министерот Алиу.
Лично мислење на министерот е дека има мали можности за злоупотреби во целиот процес оти се работи за истражувачки проект меѓу две земји.
„Втората земја е САД каде што има многу јасно дефинирани протоколи кога се работи за биолошки материјал. Прво овој факт треба да го имаме предвид. Вториот факт што мене лично ми дава комодитет дека би имало можеби малку злоупотреби е институцијата од другата страна, се работи за престижен Универзитет. Исто така научникот кој е главен во тој Универзитет е човек кој што е светско име како научник, и лично, тргнувајќи од себе си, не верувам дека таа држава, тој Универзитет или таа лабораторија може да дозволи да има злоупотреби за увоз на биолошки материјал без да има јасно дефинирани протоколи. Ова е мое лично мислење“, рече министерот Алиу.
Македонската јавност дозна дека некогаш од кај нас биле извезувани мозоци од починати лица за научно да се истражуваат откога американското Министерство за правда ги објави документите на починатиот милијардер обвинет за трговија со луѓе, педофилија и силување, Џефри Епстин.
Јавното обвинителство денес извести дека по објавите во медиумите е оформен предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Епстин.

