Македонија
Заев за планот на Радев: Нема потреба од разузнавачки служби
Одговарајќи на новинарско прашање за веќе изнесениот став на бугарскиот претседател, премиерот Зоран Заев истакна дека никому во државата не му се нарушени правата и ист е случајот како што рече и кај граѓаните што се декларираат како Бугари.
„Испраќам силна порака до соседна Бугарија, гледам дека претседателот Радев свикал состанок, да бидеме внимателни заради тоа што секогаш сме знаеле да дадеме одговор за која било нивна загриженост, како што и тие знаеле да дадат одговор на наша загриженост. Да не потпаѓаме под какви било инсинуации или неточни иформации“, рече Заев.
Додаде дека информациите секогаш може да се проверат.
„Ние сме земји членки на НАТО, ние сме сојузници, не ни треба испраќање на не знам некакви разузнавачки служби, посебни служби да ги утврдат правата на граѓаните. Правата на граѓаните се светост во нашата земја, верувам и во Бугарија е така и треба за пример да ги решаваме ваквите проблеми“, истакна премиерот.
Изрази уверување дека состанокот што го свикал бугарскиот претседател Радев е само информативен состанок од кој што, како што рече, би се собрале информации од граѓани што се со бугарска определба.
Тие, како што рече Заев, би можеле да споделат информација доколку некаде некои права не се признаени.
„Недозволиво е мешање во туѓа земја и тоа е декларирано во договорот за пријателство и добрососедство и соработка со Бугарија. И во разговорите одиме и понатаму, немешање во малцинства, затоа што тоа се решава на Советот на Европа. Но, дефинитивно, ниту има потреба ниту треба да дојде до судови“, потенцира Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

