Македонија
Заев за „Политика“ : Сонот за членство во ЕУ не е срушен, другата опција е неизвесност и мрачно време
Сонот за членство во ЕУ не е срушен. Другата опција се национализмот, радикализмот, неизвесноста и враќање назад во проблематичното и мрачно време во кое никој не сака да се врати, вели премиерот Зоран Заев во интервју за саботното издание на белградскиот дневен весник „Политика”.
Според него, Северна Македонија е на добар пат да стане 30-та полноправна членка на НАТО. Од друга страна, одлуката за одредување датум за преговори со ЕУ беше одложена.
„Иако 27-те земји-членки на ЕУ јасно и гласно го поддржаа почетокот на преговорите на нашата земја со ЕУ, една земја инсистира најпрво на внатрешни реформи во ЕУ. Ја поддржуваме иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон, но убедени сме дека Северна Македонија не би направила никаква штета ако и се даде шанса да започне преговори, туку напротив – тоа би било добра мотивација да се продолжи со внатрешни реформи, а во исто време со почитување на европските вредности, да придонесеме во реформските процеси во рамките на самата ЕУ“, вели Заев.
Осврнувајќи се на одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон, која го успорила патот на Северна Македонија во ЕУ, премиерот Заев вели дека Франција во минатото, а и сега има помогнато во демократските реформи.
„Во потегот на францускиот претседател, јас гледам намера да се спроведат реформите во ЕУ, како и за ефикасни преговарачки процеси на земјите што ги отворија преговорите со ЕУ. Она што е важно во моментот е да се разбере дека отварањето на преговори со земја-кандидат која целосно го заврши својот дел од работата, како што е Северна Македонија, може да биде од помош на тој процесот. Зошто? Затоа што покажавме дека преку искрени пријателства, со ефикасна дипломатија, политика на дијалог и консензус, со соседите и дома, ги браниме и создаваме европските вредности. Од друга страна, ако се отфрли принципот на заслуга, што може тоа да донесе? Дали напредокот ќе остане силна мотивација? Како тоа ќе влијае на другите отворени регионални прашања од кои директно зависи политичката и безбедносната состојба? Европската перспектива на Скопје и на балканските земји нема алтернатива“, изјави Заев.
На прашањето на „Политика” зошто наместо оставка се распишани вонредни парламентарни избори, кога дури и Макрон има изјавено дека се испонети сите барани услови, Заев изјави дека е коректно да го врати мандатот на народот, за да добие нова чиста поддршка за патот во иднина.
„Поддршката што ја добиваме од ЕУ е недвосмислена за отворање преговори. Таа поддршка доаѓа од целото раководство на Европската комисија, Европскиот парламент, од 27 земји-членки на ЕУ. Ни Франција не е против нас. Францускиот Сенат го усвои, во првата фаза, предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на РСМ во НАТО. Ова е силен ветер во грбот за да излезам пред граѓаните и да побарам од нив нов мандат, за мојата партија и јас да продолжиме да ја водиме земјата напред, кон НАТО, кон ЕУ, кон економски развиена, стабилна и безбедна држава, затоа што другата опција е национализам, радикализам, неизвесност, враќање назад во проблематичното и мрачно време, во кое никој не сака да се врати. Во сегашните околности, како чесен, совесен и одговорен политичар, решив дека е исправно да го вратам мандатот на народот и да ги замолам граѓаните за нова, чиста поддршка за да останеме и да продолжиме на патот што го одиме. Тоа е вистинскиот пат, тоа е патот кон НАТО, кон нови инвестиции и перспективи, со нови работни места и повисоки плати, патот кон едно општество за сите, кон мир, стабилност и безбедност – европскиот пат. Македонците отсекогаш покажале мудрост во специфични моменти и околности за земјата и јас сум убеден дека ќе го изберат патот на напредокот, нагласува Заев.
На забелешката дека во областа на владеењето на правото нема постигнато завидни резултати, дека го прогонувааат афери, од бегството на поранешниот премиер Груевски, до „Рекет” и недонесувањето на законот за јавното обвинителството, премерот Заев изјави дека нема намера да се меша во судството.
„Фактот дека е завршена за истрагата за случајот „Рекет” во рок од три месеци и поднесен е обвинителски акт, говори дека има напредок во функционирањето на правосудскиот систем. Зошто нема такви ефективни постапки за кривични и корупциски случаи поврзани со претходната владејачка гарнитура, може да одговорат правосудските власти. Она што јас можам да го направам е да испратам апел за ефикасност и тоа е она што го правам. Немаме намера да се мешаме во судството. Ако тоа го направиме, со што би се разликувале од претходниот режим? Го спомнавте бегството на претходниот премиер. За време на бегството, тој беше слободен човек, немаше судска одлука да се следи. Обвинителството не го пронајде виновникот кој помогна во неговото бегство“, вели Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левица: Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење
Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење поради сериозната еколошка хаварија со изворот на вода за снабдување, велат од Левица.
„Иако институциите соопштија дека се преземаат мерки за лоцирање на причините, сеуште нема никакви официјални информации како загаденоста на водата во Струга достигна 30 пати над дозволеното.
До Левица пристигнаа информации дека над самиот извор се врши експлоатација на минерали од приватна компанија “Ми транс”. Дали активностите преземени при експлоатацијата довеле до екстремно загадување е прашање на коешто што побрзо треба да одговорат надлежните институции“.
Левица го повикува Државниот инспекторат за животна средина и надлежниот инспекторат во рамки на Министерството за енергетика итно да излезат на терен и да извршат вонреден инспекциски надзор. Надлежните институции, додаваат од таму, мора да дадат одговор дали несоодветна експлоатација на минерали во самите извори ја предизвикало оваа хаварија и дали е несоодветно издадена дозвола за експлоатација.
Според оваа партија, институциите и градоначалникот не смеат да го заташкаат случајот и мора точно да ја утврдат одговорноста поради која 50.000 граѓани се оставени без чиста вода за пиење.
Македонија
Белоглави мршојадци од Шпанија ќе бидат донесени во Македонија – нов проект на МЕД за зачувување на нивната популација
Во текот на следните шест години, Македонското еколошко друштво (МЕД) ќе спроведува нов меѓународен проект во рамки на програмата LIFE, чијашто цел е да се зголеми популацијата на белоглавиот мршојадец на македонска и грчка територија и со тоа да се придонесе кон зајакнување на целокупната популација на овој вид на Балканскиот Полуостров.

Кофинансиран од Европската Унија, овој партнерски проект, покрај МЕД, ги поврзува Грчкото орнитолошко друштво, Универзитетот на Крит – Музеј за природна историја, Агенцијата за природна средина и климатски промени од Грција и Фондот за дива флора и фауна од Бугарија, под водство и координација на швајцарската Фондација за заштита на мршојадци.
„Сè до средината на дваесеттиот век, белоглавиот мршојадец бил вообичаена глетка низ Балканот, но во последните децении од минатиот век, поради ловењето, труењето, недостигот на храна и струјните удари и судирите со надземната електрична инфраструктура, е доведен до работ на изумирање. Податоците добиени преку следење со ГПС-технологија покажуваат дека овие птици на Балканскиот Полуостров најчесто се задржуваат во седум клучни зони заради размножување и одмор при миграциите. Една од нив е Тиквешко-Демиркапискиот Регион, едно од ретките преостанати јадра за гнездење на мршојадците во Македонија. Денес, овој предел е дом на два пара од глобално загрозениот египетски мршојадец и на околу 20 пара од белоглавиот мршојадец, заради што и ќе биде во фокус на проектните активности“, велат од МЕД.

Од таму појаснуваат дека зајакнувањето на постојните популации кај нас ќе се направи преку воведување на 50 нови единки од белоглавиот мршојадец, кои ќе бидат донесени од Шпанија. Овие птици ќе бидат префрлени во кафези за аклиматизација и пуштени согласно соодветен протокол и во соработка со локални партнери. Заради истражувачки и превентивни цели, пред да бидат пуштени, на овие птици ќе им бидат поставени ГПС-предаватели.
Сеопфатниот пристап кон подобрување на животните услови за белоглавиот мршојадец ќе вклучи и активности за поефективно спроведување на законите заради намалување на смртноста на птиците од труење, како и воведување на системи за рано предупредување базирани врз ГПС-мониторинг. Исто така, ќе се зајакнуваат националните капацитети за рехабилитација на диви животни и ќе се зголемува достапноста на храна преку поставување дополнителни станици за исхрана. На овој начин ќе се зацврсти поврзаноста на птиците со клучните зони на полуостровот, со што значително ќе се зголемат и шансите за нивно преживување и опстанок.
Од МЕД велат дека голема улога во зачувувањето на мршојадците имаат и локалните заедници со кои овие птици се силно поврзани. Токму затоа, преку проектот ќе се поддржи и традиционалното сточарство кое исто така е извор на храна за овие птици, и ќе се подига свеста за улогата и значењето на мршојадците во екосистемот и во локалната економија. На овој начин, велат од МЕД, целосното закрепнување на популацијата на белоглавиот мршојадец на Балканот повеќе нема да биде прашање на надеж, туку споделена обврска.
Македонија
Гаши за Денот на независноста на Косово: Празникот е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата
Претседателот на Собранието Африм Гаши со честитка по повод Денот на независноста на Република Косово.
„Овој празник е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата. Независноста на Косово претставува триумф на слободната волја на граѓаните да изградат демократска, праведна и европски ориентирана држава.
Република Северна Македонија и Република Косово уживаат одлични односи. Нашите соседски, општествени и историски врски се силни и претставуваат непоколеблива основа за понатамошно продлабочување на партнерството меѓу нашите две земји.
На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата поддршка за успешниот пат на Република Косово и изразуваме убедување дека нашата братска соработка ќе продолжи да се продлабочува во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, како и на унапредувањето на нашата заедничка евроатлантска агенда“.

