Македонија
Заев: Иницијативата за номинација за Нобеловата награда е мотивација повеќе за успешна завршница на договорот со Грција
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, прими во посета делегација предводена од Уидад Бушамауи, добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, придружувана од пратеникот во Европскиот парламент од Грција, Стелиос Колуглу, како и од ректорот на Универзитетот ФОН, Нано Ружин, и од Сефер Цаноски, член на Управниот одбор на овој универзитет, каде што денеска беше објавена официјално иницијативата за номинација на премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас за Нобелова награда за мир во 2019 година.
Премиерот Заев се заблагодари и истакна дека оваа иницијатива е сама по себе доволно признание за него, но и за Република Македонија, за нејзините граѓани и дека ќе биде дополнително охрабрување целиот процес кој почна со преговорите со Грција, и кој потоа се заокружи со решенијата на договорот од Преспа, за да се финализира во парламентите на двете земји со единствена цел имплементација на договорот за пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО и да обезбеди трајно пријателско и стратешко партнерство со Република Грција.
Нобеловката Уидад Бушамауи на средбата во Владата нагласи дека договорот со Република Грција светот го препозна како една од најуспешна иницијативи на планот на меѓународната политика и добрососедските односи во оваа година и дека израсна во модел како, во дух на пријателство и доверба, да се решаваат и најсложени политички прашања.
Бушамауи потоа го информираше премиерот Заев за постапката за номинацијата и изрази уверување дека оваа иницијатива ќе биде поддржана од лидерите на меѓународната заедница и организации и информираше дека од нашата земја, таа и нејзината делегација утре заминуваат за Атина за да го запознаат со оваа иницијатива и премиерот на Грција, Алексис Ципрас.
„Иницијативата за номинација е мотивација целиот процес меѓу двете земји да заврши со успех и на тој начин да биде признание и за двете држави и за народите во Република Македонија и Република Грција“, истакна на средбата со нобеловката Бушамауи премиерот Заев и изрази уверување дека и неговиот колега и пријател Ципрас ќе ја прифати иницијативата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

