Македонија
Заев и се спротивстави на Агелер: Анѓушев и неговиот тим беа едни од најспособните во Владата
Поранешниот претседател на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев преку објава за медиумите истакна дека Кочо Анѓушев и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека тој бил премиер.
„САД се стратешки пријател и партнер на Северна Македонија. Сметам дека јас лично, а и како поранешен Претседател на Владата сум исто така пријател на САД. Тоа сум го потврдил низ конкретни примери во текот на моето работење. Тоа јавно го имаат и потврдено највисоки претставници на САД“, вели Заев.
Тој кажа не сака да ја коментира одлуката на Стејт Департментот и додаде дека стои на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања, вклучително и основот за сомневањата кон Анѓушев.
„Без да ја коментирам и да навлегувам во детали за оправданоста на одлуката на Стејт Департментот за забрана за влез во САД на поранешниот Вицепремиер Кочо Анѓушев, само ќе напоменам, како и порано кога сум бил Премиер така и сега, стојам на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања на определени теми од интерес на нашите стратешки пријатели и партнери во врска со било која општествено – економска и политичка тема во земјава вклучително и основот за сомневањата кон Анѓушев“, рече експремиерот.
„Јавно сакам да го споделам мојот став кој веќе и е познат на јавноста а тоа е дека Кочо Анѓушев и неговиот тим беа едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека бев јас премиер. Голем дел од економските успеси на Владата беа директна заслуга на Анѓушев. Северна Македонија ретко кога имала вака висок функционер кој е и професор но пред се и успешен деловен човек со огромно практично искуство во економската проблематика и предизвиците на државата во економијата. Како премиер, ми беше чест што имав таков соработник кому економијата и државата му беа секогаш на прво место. Знаеше да каже и покаже дека неговите фирми и капитал вредат онолку колку што ни вреди државата и дека само со успех на државата може да имаме сите надеж дека ќе успееме во сопствените приватните деловни планови.
Сите шпекулации што ги слушам деновиве дури и од одредена јавна институција ги сметам за неосновани затоа што Владата и стручните служби своевремено им имаат обезбедено и испратено навремен, соодветен и основан одговор.
Анѓушев е мој пријател и соработник кој исклучително го почитувам. Јас го замолив мај 2017 година да прифати, да одработи одреден период за македонскиот народ и државата. Тоа го правеше чесно , одговорно и посветено. Денеска, ја има мојата поддршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави“, додаде поранешниот премиер Зоран Заев.
Соединетите Држави, на 5 декемрви го означија Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради, како што соопштија, неговата вмешаност во значителна корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Панична пропаганда се за Петрушевски обвинувањата од СДСМ за реформите во ВМРО-ДПМНЕ
„Обвинувањата на СДС се класичен пример на панична пропаганда без факти и без аргументи“, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на обвинувањата од СДСМ дека место нови лица старата банда е реформата во ВМРО-ДПМНЕ.
„Факт е дека Драган Ковачки поседува валиден НАТО сертификат, што целосно ги демантира лагите дека бил ’одбиен од НАТО’ или дека не исполнувал безбедносни услови. Сѐ друго е злонамерна конструкција за дневнополитички потреби. ВМРО-ДПМНЕ спроведува внатрепартиски реформи согласно Статутот и со јасна цел, ефикасна, одговорна и европски ориентирана партија. Обвинувањата за наводна контрола врз институции и медиуми се неосновани и доаѓаат од структури кои со години ја злоупотребуваа државата и сега се плашат од одговорност“, рече Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи Петрушевски, останува цврсто посветена на политиките што значат Македонија интегрирана во ЕУ, стабилен НАТО партнер и заштита на државните и националните интереси.

