Топ
(Видео) Девет уапсени за уривањето на хотелот „Шар Ан“ прогласен за културно наследство, меѓу нив и ексдиректори
Денеска Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции, под раководство на надлежен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по повеќемесечно криминалистичко истражување спроведе координирана полициска акција, во којa беше сузбиена повеќечлена организирана криминална група составена од лица од Скопје и едно лице од Тетово, кои подолг временски период беа инволвирани во вршење на кривични дела од областа на економски криминал и кривични дела против културно наследство, извести МВР.
Во текот на денот, по добиени судски наредби, извршени се претреси кај 11 физички лица (10 во Скопје и едно во Тетово), а во тек се претреси во девет правни субјекти во Скопје. Притоа, од слобода се лишени девет лица, додека по две лица се трага. Притоа пронајдена е и одземена документација, мобилни телефони, СИМ картички, УСБ уреди, растителна материја, два пиштоли, муниција, пари во различни валути.
Единицата за финансиски истраги во Секторот за криминалистички истраги при ОСОСК по спроведените претреси и пронајдени предмети, како и врз основа на претходно обезбедени материјални докази, до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против 11 лица (10 од Скопје и едно лице од Тетово), на возраст од 31 до 64 години, поради сомнение за извршени кривични дела „злосторничко здружување”, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, соопшти МВР.
Имено, прво пријавениот М.Љ., во својство на службено лице—претседател на Одбор на директори во АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор, во периодот од октомври 2022 до септември 2023 година, со неизвршување на својата службена должност за заштита на деловниот простор од значење за Републиката и со намера да прибави за себе и за членовите на злосторничкото здружување противправна имотна корист, извршил противправно рушење, односно уништување на автентичниот објект Хотел „Шар Ан“, кој како дел од Старата скопска чаршија со Закон е прогласен за културно наследство. М.Љ., иако знаел дека автентичниот објект е културно наследство во сопственост на РСМ со право на стопанисување на акционерското друштво, заедно со С.Љ., вработен во правно лице и К.Д., советник во НУ Конзерваторски центар Скопје, формирал злосторничко здружување и заедно со неговите членови: Б.М., управител во правно лице и сопственик на правен субјект од Скопје, Н.И., како и Б.Е., сопственик и управител на правно лице и И.Е., вработен во истото правно лице, преземале низа противправни дејствија за противправно рушење, односно уништување на автентичниот објект Хотел ,,Шар Ан“.
Потоа, тие заедно со останатите членови на злосторничкото здружување: К.Ч., поранешен директор на НУ Конзерваторски центар Скопје, А.А., поранешен в.д директор на Управа за заштита на културно наследство и А.У., поранешен заменик на генералниот директор во Агенција за катастар на недвижности, иако знаеле дека не постои правен основ за упис на промена во Агенцијата, подготвиле документација која ја искористиле со помош на С.С., вработен во Агенцијата за катастар на недвижности, да извршат противправен упис на промена на имотниот лист од градежно изградено во градежно неизградено земјиште и да го променат односно избришат објектот и правото на стопанисување на АД за стопанисување со станбен и со деловен простор.
Со наведените противправни активности, понатаму би се овозможиле понатамошни противправни дејствија од страна на членовите на здружувањето, а С.Љ. да се впише како сопственик на катастарската парцела, со што организаторите би се стекнале со противправна имотна корист за себе и за членовите на злосторничкото здружување, а на државата ѝ нанеле непроценлива штета по однос на статусот на културното наследство, во износ од 180.000.000 денари, се додава во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги постави контурите за коалирање со партиите – во фокусот се три точки
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, информира дека претпладнево одржал состанок, на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со другите партии.
Фокусот ќе бидат луѓето на прво место, вели Мицкоски.
Трите значајни точки врз кои ќе почиваат преговорите за коалициските партнери во новата влада се: економски силна држава преку реформи и чекори, кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард; фронт против криминалот и корупцијата и постигнување правда; реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции преку дијалог и исполнување принципи.
Мицкоски рече дека очекувањата се големи, а одговорноста кон народот уште поголема.
Партискиот лидер уште пред изборите најави дека ВМРО-ДПМНЕ планира да коалира со албанскиот опозициски блок „Вреди“, а не со ДУИ, а за која партијата смета дека треба да замине во опозиција.
Македонија
Нов состав на Собранието ќе биде избран во следните 20 дена, инаугурацијата на Силјановска-Давкова најдоцна викендов
По завршувањето на парламентарните избори, следен чекор е мандатот на новиот собраниски состав да биде верификуван од ДИК.
Во согласност со Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори, а ќе ја свика претседателот на Собранието од претходниот состав.
Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.
Мандатот на пратениците во Собранието се избираат за време од четири години и пратеникот не може да врши други јавни функции или професии. Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.
Во однос на претседателските избори, најдоцна на 12 мај треба да биде свикана собраниска седница за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова. На 12 мај истекува мандатот на Стево Пендаровски.
Доколку инаугурацијата на Силјановска се одржи на 12 мај, таа ќе треба да го додели мандатот за новиот состав на Владата.
Пред преземањето на должноста, претседателот дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.
Македонија
Силјановска-Давкова го победи Пендаровски со разлика од 308.632 гласа, разликата што тој ја направи во 2019 година беше 58.210 гласа
Според последните податоци од Државната изборна комисија (ДИК), во вториот круг од седмите претседателски избори во земјата Гордана Силјановска-Давкова освои 308.632 гласа повеќе од противкандидатот Стево Пендаровски. Од обработени 99,09 отсто од избирачките места i 99.82 отсто обработени избирачи, за неа гласале 560.173 граѓани, а Пендаровски доби 251.541 глас.
Со поголема разлика во гласовите за претседател беше избран само Киро Глигоров во 1994 година. Тој имаше 517.978 гласа повеќе од противкандидатот Љубиша Георгиевски. Беше избран во првиот круг со освоени 715.087 гласа, а Георгиевски освои 197.109 гласа.
На претседателските избори во 2019 година, кога Пендаровски и Силјановска-Давкова првпат се соочија и влегоа во вториот круг, Пендаровски победи со историски најмала разлика во гласовите од сите досегашни претседателски избори. Доби 58.210 гласа повеќе од Силјановска-Давкова, односно тој во вториот круг освои 435.656 гласа, а Силјановска-Давкова имаше 377.446 гласа.
Во 2014 година Ѓорге Иванов вториот мандат во вториот круг го доби со разлика од 136.834 гласа. Тој освои 534.910 гласа, а Пендаровски, кој тогаш првпат се кандидира за претседател, доби 398.076 гласа.
Со разлика од 188.788 гласа Ѓорге Иванов го доби првиот претседателски мандат во 2009 година. Тој освои 453.616 гласа, а Љубомир Фрчковски 264.828 гласа.
221.138 гласа беше разликата со која Бранко Црвенковски го победи Сашко Кедев на изборите во 2004 година. Тој освои 550.317, а Кедев 329.179 гласа.
Борис Трајковски во 1999 година го победи Тито Петковски со 69.194 гласа разлика. За Трајковски имаше 582.808, а Петковски доби 513.614 гласа.