Македонија
Заев и Тачи договорија соработка за локалните избори

Лидерите на СДСМ и на ДПА, Зоран Заев и Мендух Тачи, договорија соработка за локалните избори.
Заев соопшти дека СДСМ и ДПА реципрочно ќе соработуваат и ќе се поддржат во повеќе општини.
„СДСМ и ДПА реципрочно ќе соработуваат и ќе се поддржат во повеќе општини со цел за граѓаните да ги обезбедиме најдобрите градоначалници и советници на кои служењето на народот им се главна цел и определба. Во некои општини соработката ќе ја реализираме во прв круг, а во други општини во втор круг. СДСМ продолжува ја гради и развива најголемата и најдобра коалиција за локалните избори во октомври“, напиша Заев на „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЕСМ за испадот на Блок 2: Имавме саботажа, се води истрага

ЕСМ реагира на денешните обвинувања на СДСМ за тендерот за технолошко чистење во РЕК Битола, тврдејќи дека се работи за лаги, а компанијата ги исполнила сите критериуми.
„Во врска со континуираните дрски и лажни обвинувања од СДСМ – уништувачите на македонскиот енергетски систем, ја информираме јавноста дека Техно Коп Плус ДООЕЛ Битола е избрана за компанија за технолошко чистење, откако ги исполнила сите наведени критериуми по јавниот повик. Овој понудувач, понудил за 30% пониска цена од досегашната договорна. Иако одлуката е донесена, договорот сè уште не е потпишан поради тековната жалбена постапка. Договорот ќе биде склучен по истекот на овој период“, велат од ЕСМ.
Во однос на испадот на Блок 2 од мрежата, нагласија дека немало хаварија туку извесно е дека им се случила саботажа, а целиот настан во моментов е предмет на истрага од надлежните институции.
Во меѓувреме, додека технолошкото чистење од надворешни изведувачи е во прекин, се преземаат проактивни мерки за внатрешно справување со сите отворени прашања.
„Се вложуваат максимални напори за повторно ставање во функција на Блок 2 и Блок 3. И двата ќе бидат за многу кратко време спремни за синхронизација на мрежата а кој од нив ќе влезе, ќе одлучи раководството на РЕК Битола. Во овој период заради обемот на конзумот, нема потреба да “возиме” со 2 блока.
Во меѓувреме снабдувањето со електрична енергија во државата е целосно обезбедено. Ова се постигнува преку ТЕ Осломеј, зголеменото производство од хидроелектраните на АД ЕСМ, како и преку балансирана набавка и продажба на ел. енергија преку МЕМО“, се вели во реакцијата на ЕСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими Американци кои се на аџилак во земјава

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими група американски државјани предводени од Мајк Зафировски, кои од денеска престојуваат на аџилак во земјава.
Изразувајќи огромна благодарност за приемот, истакнатите и угледни членови на американското општество ја запознаа претседателката со мотивот и инспирацијата за посетата на земјава, како една од нивните три дестинации за аџилак, покрај Грција и Турција, посочувајќи дека на Македонија гледаат како на духовна и културна ризница со богата традиција и историско наследство.
Поздравувајќи го нивниот избор за аџилак, Сиљановска-Давкова им посака успех и изрази уверување дека ќе понесат незаборавни спомени и впечатоци од автентичноста на земјава и особено од Охрид, како дел од библискиот и цивилизациски мозаик. Како припадници на Епископалната црква, којашто ужива голем углед во американското општество, претседателката верува дека со нивната мисија, спознавање на различностите и промовирајќи мир и верба, ќе придонесат за зајакнување на вредностите на солидарност, толеранција и духовно единство.
Сиљановска-Давкова укажа на важната улога на македонската дијаспора во градењето на блиски врски меѓу американското и македонското општество, како додадена вредност на нашето стратешко партнерство со САД.
Таа упати благодарност до Мајк Зафировски за постојаните врски со татковината, заложбите преку „Македонија 2025“ за афирмација и промоција на земјава и посветеноста на проектите коишто го потикнуваат растот на македонската економија.
Соговорниците разменија мислења за актуелните состојби во светот и ги слушнаа ставовите на претседателката за глобалните предизвици и проблемите со кои се соочува државава во однос на надворешната политика.
Македонија
Патот од Подмоље до Охрид од вечерва ќе биде пуштен за сообраќај

Од вечерва ќе се пушти во сообраќај за сите возила делницата од Подмоље до Охрид, како дел од автопатот Кичево -Охрид, информираат од Министерството за транспорт.
По тој повод вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трaјановски, денеска извршија увид во изградбата на оваа делница.
Констатирано беше дека изградбата на автопатот се одвива според договорената динамика и покрај бројните проблеми во минатото.
„Градбата на автопатот Охрид- Кичево беше во целосен застој во време на СДСМ и ДУИ, цели 7 години не се работеше ништо. Со доаѓањето на ВМРО -ДПМНЕ на власт почна да се работи со полна динамика и се очекува до крајот на 2026 целиот автопат Охрид- Кичево да се пушти во функција“, велат од Министерството.
Делницата Подмоље – Охрид беше затворена за сообраќај според одобрен времен режим се со цел да се комплетира нејзината изградба. Во меѓувреме сообраќајот се одвиваше со стариот регионален пат што предизвика големи гужви, особено во деновите за време на викендите и празниците.