Македонија
Заев и Царовска се сретнаа со претставници на Сојузот на здруженијата на пензионерите
Претседателот на Владата, Зоран Заев, и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, се сретнаа со делегација на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, предводена од претседателката на Сојузот, Станка Трајкова, како и пратеникот во Собранието, Илија Николовски, како претставник на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ).
На средбата се разговараше за целокупниот економски раст на државата, зголемувањето на платите во државата и претстојните планови и мерки за раст на пензиите, како и за други прашања од аспект на стандардот на живеењето на овие наши граѓани.
Заев и Царовска ги информираа претставниците на Сојузот на здруженијата на пензионерите дека се остваруваат условите за пораст на пензиите врз основа на стабилизираниот пензиски систем, најавеното ново зголемување на минималната плата, континуираниот раст на просечната плата, како и врз основа на вкупниот економски раст во земјата.
Сите овие фактори се позитивни предуслови за раст на пензиите.
На средбата во канцеларијата на претседателот на Владата на Северна Македонија стана збор и за другите прашања од интерес на пензионерите и згрижување за што во наредниот период се предвидени решенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милионски загуби, долгови и блокирани сметки – финансиски биланси на локалните јавни претпријатија
Денеска, Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за финансиските резултати на локалните јавни претпријатија во земјава.
Истражувањето открива дека:
· Загуба оствариле повеќе од половина од локалните јавни претпријатија во земјава, односно 71 од 128-те претпријатија.
· Вкупниот износ на загубите изнесува 17 милиони евра.
· На првите три места според загубите се скопски, а на третото и четвртото место се битолски јавни претпријатија.
· Во последните години растат и загубите и бројот на претпријатија со загуби.
· Само првите 10 претпријатија со најголеми загуби, прикажале 77 % од вкупните загуби.
· Вкупните долгови на локалните јавни претпријатија, мерени преку нивните краткорочни обврски, изнесуваат 193 милиони евра.
· Долговите на 10-те најзадолжени претпријатија се 40 % од вкупните долгови на сите претпријатија.
· На дури третина од локалните јавни претпријатија им е блокирана банкарската сметка.
· Во локалните јавни претпријатија работат повеќе од 12.000 луѓе, иако бројот на вработени во последните неколку години благо се намалува.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со осуда за синоќешниот упад во студиото на „Инфомакс“
„ВМРО-ДПМНЕ го осудува синоќешниот упад во студиото на „Инфомакс“ и секој обид со сила да се загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници. Ваквите инциденти се неприфатливи и претставуваат закана за основните демократски вредности кои треба да се заштитуваат и промовираат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Слободата на медиумите, правото на информирање и независната новинарска работа се темелни принципи за кои како партија отсекогаш сме се залагале. Без оглед на разликите во ставовите или уредувачките политики, секој медиум мора да работи во средина која гарантира безбедност, достоинство и почитување.
Ја поздравуваме брзата и професионална интервенција на полицијата и очекуваме сите надлежни институции целосно и доследно да ја истераат постапката.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде посветена на заштитата на слободата на изразување и создавањето амбиент во кој јавната дебата може да се одвива без страв и притисок“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Ивановски: Пробиен претпоследниот тунел на железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка
Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, нa својот фејсбук профил објави видео од пробивање на 14-от тунел на железничката делница Бељаковце-Крива Паланка која е во изградба.
„Добро е кога на крајот од тунелот ќе се појави светло. Рано изутринава го пробивме претпоследниот од вкупно 15 тунели на железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка. Ова е вториот дел од градбата на пругата кон Бугарија.
Градбата на оваа траса изобилува со предизвици, а еден од поголемите се пробивањето и градбата на тунелите.
Прогресот на градбата на целиот проект не е на посакуваното ниво, но би го пофалил изведувачот за нивниот успех во градбата на тунелите.
Верувам дека и во другите сегменти од градбата за многу скоро од денес ќе почнат да бележат успех“, напиша Ивановски.

