Македонија
Заев и Шекеринска: Членството во НАТО ќе придонесе за безбедноста на регионот
Премиерот Зоран Заев и заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, учествуваа на дипломатската дискусија на тема „Патот за Брисел“, која по повод НАТО-неделата, која почнува на 3 април и пред чествувањето на Денот на НАТО – 4 Април, беше организирана од Министерството за одбрана на Северна Македонија, Евро-атлантскиот совет (АТА) и Амбасадата на Република Словенија во земјата.
Амбасадорите и претставниците на земјите членки на НАТО во своите дискусии едногласно дадоа поддршка за членство на Северна Македонија во Северноатлантскиот сојуз и амбасадорот на Република Полска, Војциех Тицињски, во своето обраќање најави дека утре полскиот парламент ќе го ратификува протоколот за членство на Република Северна Македонија изразувајќи безрезервна поддршка за политичкиот процес со цел остварување на евро-атлантските аспирации на земјата.
„Со вашата поддршка и со вредните реформски процеси и решавањето на клучните прашања за иднината на нашата земја, на 6 февруари оваа година го потпишавме протоколот за пристапување во седиштето на НАТО. Постигнавме една од нашите стратешки обврски, а тоа е да станеме членка на НАТО. Оваа историска одредница за нашата земја ја постигнавме со вложувањата на повеќе генерации што не потклекнаа и напорно работеа за да ги реализираме нашата визија и стратешката цел: да станеме дел од евро-атлантското семејство“, истакна премиерот Заев., кој изрази уверување дека членството на нашата земја дополнително ќе придонесе за стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа и ќе има клучна улога во создавањето нова позитивна слика за регионот.
„Нема никакво сомневање дека членството во НАТО за нашата земја е гаранција за перспектива на безбедност и стабилност. Дополнително, тоа ги отвора хоризонтите за поголема предвидливост и јасна иднина за нашиот политички и економски прогрес. Секако, тоа вклучува и соодветно рамноправно учество и во споделувањето на заедничките одговорности за активностите и за иднината на алијансата. Како идна полноправна членка на НАТО ние сме подготвени целосно да ги споделиме товарот, должностите и одговорностите за зачувување на регионалниот и меѓународниот мир и стабилноста“, рече премиерот Заев.
Тој посочи дека во таа насока Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за зголемување на трошоците за одбрана за 0,2 проценти од домашниот бруто-производ (БДП) секоја година имајќи силна политичка волја и посветеност за постигнувањето да бидат издвоени проценти од БДП на нашата држава најдоцна до 2024 година.
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Шекеринска, во својот говор истакна дека денешната ситуација кога Северна Македонија се наоѓа пред исполнувањето на својата стратешка цел, да стане 30-та членка на НАТО, пред само една година изгледала нереална и преоптимистичка, но резултатите и прекумерната работа го докажуваат спротивното.
„Тоа докажува дека нема преоптимистичка цел и ако има политичка волја и ако се работи, резултатите доаѓаат. Работевме напорно на домашните реформи, на реформите во одбраната и со аргументи успеавме да ги убедиме и најголемите скептици дека оваа земја може да се трансформира, да отскокне од една кризна ситуација и да понуди модел на поинакво однесување на Балканот“, рече министерката Шекеринска, која додаде дека отворените врати во НАТО не се подарок, туку заработена шанса за нашата земја и се заблагодари за поддршката од земјите членки на НАТО и нивните претставници на денешната дискусија.
Министерката Шекеринска истакна дека бенефитите од членството во НАТО се безбедноста и просперитетот и посебно се осврна на прашањето што ќе добие НАТО од својата нова членка.
„Ќе понудиме и нови шанси, во јуни на полигонот Криволак ќе се одржи најголемата воена вежба на нашата територија досега. Вежбата ‘Одлучен удар 19’, на која ќе учествуваат над 3.000 војници не само од Армијата на Република Северна Македонија туку и од САД, Бугарија, Албанија, Литванија и Црна Гора. Ова за нас ќе биде и чест и симболички знак за нашето идно членство во НАТО, но и голем предизвик и одговорност да докажеме дека како идна членка сме способни да се справиме со логистички, организациски и политички предизвици. Ќе покажеме дека и малите држави може да носат нова вредност“, порача министерката Шекеринска заблагодарувајќи се за ратификацијата на протоколот, која заврши во 9 земји членки на НАТО, и порача дека целта е процесот бргу и ефикасно да се заврши.
Денешната дискусија на тема „Патот до Брисел“, според обраќањата на учесниците, е со цел да се испрати силна порака до земјите членки на НАТО за што побрзо завршување на правните процедури и ратификување на протоколот за членство во Северноатлантскиот сојуз, со што Република Северна Македонија ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

