Македонија
СДСМ: Химната е призната од целиот свет, залудни се конструкциите на Мицкоски
Залудни се обидите на Мицкоски преку измислени и непостојни случаи да ја врати државата во темното минато на изолација, уназадување и неизвесност, реагира СДСМ.
„Како што јавно соопшти Владата, поради доцнењето на слетувањето на авионот, а со цел да се исполнат сите активности од агендата, биле изоставени сите протоколарни свечени активности при дочекот, вклучително и гарда, цвеќиња, воени почести, интонирање на химната и слично. Македонската химна ниту била ниту е оспорена или предмет на преговори. Таа досега била интонирана во повеќе пригоди во присуство на официјални претставници од грчка страна и натаму ќе биде интонирана во согласност со протоколите. Македонската химна е признаена од целиот свет“, наведе СДСМ во реакцијата.
Од владејачката партија велат дека Мицкоски продолжува со лицемерството и лажниот патриотизам.
„Вчерашната прва посета на еден грчки премиер на Скопје во 28 години е доказ дека пријателствата носат економски придобивки, успешност на политиките на Владата предводена од СДСМ во намерата државата да стане дел од демократскиот развиен свет. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нема да ја вратат државата назад, наместо измислици, нека се подготват за пораз на претстојните избори“, додава СДСМ во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова со ректорите на државните универзитети: разменети мислења за реформите во високото образование со цел достигнување на европските стандарди
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.
На средбата на којашто присуствуваа ректорката Биљана Ангелова, ректорот Јусуф Зејнели, ректорот Дејан Мираковски, проректорот Јове Талевски и проректорот Беким Фетаји, беа упатени честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова и беа изразени очекувања за успешна соработка.
Соговорниците разменија мислење за тековните реформи во високото образование со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди.
Претседателката истакна дека, како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде наш врвен приоритет.
Сиљановска Давкова посочи на потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата Еразмус+ на Европската Комисија.
Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката ја посочи нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе, промовирање на културната разновидност, поттикнување на иновациите и подобрување на технолошките вештини кај младите.
Македонија
Маричиќ: Европската интеграција на Северна Македонија е важен стратешки план и приоритет за државата и за сите граѓани во неа
Првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес одржа средба со амбасадорот на Република Унгарија, Андраш Клајн, заменик-амбасадорката Кристина Тиханји и претставникот Золтан Марки.
На средбата унгарската делегација ги презентира приоритетите на унгарското претседателство со цел зајакнување на процесот на европските интеграции во претстојниот период. Унгарија претседава со Советот на Европа од 1 јули 2024 до крајот на годината.
Маричиќ со заложба дека европеизацијата на државата мора да продолжи со засилен тек ја истакна важноста од носење важни одлуки за понатамошно реализирање на стратешките цели на Северна Македонија и регионот.
Aмбасадорот Клајн се заблагодари за досегашниот успех и постигнатите резултати од процесот на евроинтеграција, скрининг-процесот, почнувањето на преговорите за државата и комплетната подготовка за реализација на европската агенда на државата.
„Европската интеграција е важен стратешки план и приоритет за државата и за сите граѓани во неа“, истакна Маричиќ.
Македонија
Давкова официјално ќе го применува уставното име, а во јавните настапи има право да каже Македонија како чин на самоопределување, велат од нејзиниот кабинет
Во своите јавни настапи македонската претседателка има право да го употребува името Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација почитувајќи ги основните човекови права и слободи и во согласност со европските вредности и начела, велат од Кабинетот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Од тука наведуваат дека Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Во согласност со Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име.
Македонските институции во последните 5 години речиси целосно ги исполнија обврските од преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатералните обврски, кои ги презеле кон земјата.