Македонија
Заев: Како ќе се позиционираат ДУИ, зависи од нив
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата по потпишувањето на договорот за коалиција со Движењето Беса, за односот со ДУИ, рече дека како тие како партија ќе се позиционираат зависи од нив, откако беше прашан дали бил уценуван од ДУИ, откако во своето обраќање рече дека нема да прифати уцени за коалиција од ниту една политичка партија.
„Ќе бидам конкретен. Одлуката на ДУИ за коалицирање со СДСМ помогна да падне режимот. Донесовме многу заеднички одлуки кои се важни за државата, но имавме и негативни последици за одредени прашања. Ние сме отворени за инклузивност со сите кои ќе се држат до нашите принципи и затоа сме сигурни за извојување победа и чист мандат. Како ќе се постави ДУИ, зависи од нив, како тие ќе се позиционираат, дали ќе менуваат на подобро, тоа е нивно прашање“, изјави Заев.
За тоа какви проблеми имале со коалицискиот партнер, Заев не одговори конкретно, но порача дека партиите треба да си ги преиспитаат своите погрешни постапки и да се менуваат на подобро.
„Имавме заеднички успех, ќе повторам, донесовме многу важни одлуки, но и имавме проблеми. Манипулацијата на Блерим Беџети ќе ја споменам како пример,но народот гледа сè и знае сè што се случувало, затоа што секогаш сме биле искрени. Ние сме заедно и функционираме до завршувањето на мандатот. Дури, заедно настапивме и на изборите во 2017. Отворени сме за сите партии, за искрена соработка. Но, еве ја користам оваа можност да порачам дека како партии треба да се менуваме на подобро, да работиме заеднички за доброто и иднината на нашата земја“, рече Заев.
Што се однесува до кандидатите за пратеници кои ќе се најдат на листите, лидерот на СДСМ рече дека сè уште немаат постигнато договор со Беса. Тој додаде дека имињата ќе ги соопшти откако ќе завршат преговорите и со другите коалициски партнери кои се во тек.
Неговиот коалициски партнер Касами само кусо рече дека на листите ќе се најдат луѓе кои може да ги понудат како најдоброто кадровско решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

