Македонија
(Видео) Заев: Нацрт-спогодбата од Грција пристигна, но и македонскиот предлог е испратен до Атина
Премиерот Зоран Заев потврди дека е пристигната нацрт-спогодбата од Грција за решавање на спорот за името, но и дека македонската нацрт-спогодба е испратена во Атина. Тој најави дека повеќе информации и детали за документот ќе изнесе министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој попладнево ќе одржи прес-конференција.
„Спогодбата е стигната, а нашата е испратена, тоа треба да биде алатка што треба да помогне во процесот на преговорите во следната фаза, која треба да се одржи во Виена“, рече Заев на прес-конференција во Владата.
На прашањето дали е точно дека Грција го фаворизира името Горна Македонија, Заев одговори: „Можам да кажам дека немаме зборувано за која точна географска одредница се работи, други моменти од спогодбата се поважни. Немаме разговарано за конкретно име ниту од наша ниту од нивна страна“.
Заев не одговори конкретно на новинарското прашање зошто македонските медиуми дознаа од грчките колеги дека предлог-спогодбата е стигната во Владата. „Деталите се од технички аспект. Нема помрднување од позициите од последните средби“, рече тој. Според премиерот, поважен елемент е нацрт-документот на посредникот Метју Нимиц, а сите други предлози се алатки што може да помогнат во разговорите за името.
„Сето друго се алатки и можности што може да бидат од помош, но и не мора да бидат составен дел на договорот“, потенцира премиерот.
Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, пред неколку дена ја испратил грчката нацрт-спогодба до надлежните институции во земјата. Се очекува в четврток или в петок да пристигне во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

