Македонија
Заев најави зголемување на платите на пожарникарите

Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со претставници на Независниот синдикат на пожарникари, предводени од претседателот на Синдикатот, Тони Бошковски, во присуство на претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
На средбата е разговарано за актуелни прашања во врска со пожарникарската дејност и можностите за решавање на наследениот проблем со исплата на плати и нивелирањето на платите на пожарникарите, во различни општини, согласно законските регулативи.
Премиерот Заев им соопшти на пожарникарите дека се обезбедени финансиски средства за плати на сите пожарникари согласно закон, како овластени службени лица од областа на безбедноста и има зголемување на средствата за плати на пожарникарите за 70 милиони денари, за 2020 година.
На средбата е констатирана потребата од донесување подзаконски акти, правилници, за исплата на платите на пожарникарите, заради унифицираност на исплатата согласно законските прописи.
За таа цел, премиерот Заев најави работни средби со ресорната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и ЗЕЛС. На средбата е оценета како добар основ за утврдувањето трајно решение за прашањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Во мандатот на Шукова во МЖСПП бевме труени со отровен мазут, СДС и Каја губат во прв круг“, вели Манасиевски

„СДС И Каја Шукова губат во прв круг, во мандатот на Шукова во МЖСПП бевме труени со отровен мазут. Кој може да очекува од жената која дозволи систематско труење во Скопје и Македонија, и не кажа ниту збор, дека баш сега би направила нешто за подобар воздух“, рече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Многу е јасно, Шукова имаше време да направи нешто, да се издвои, но таа својот мандат како министер го преспа во шинелот на Заев, аминувајќи го загадувањето, за бизнис интереси.
Шукова е лице на трулата политика на СДС изминатите 7 години додека беа на власт.
Секој скопјанец кога ќе ја види Каја Шукова му текнува на Заев, провизиите за јаглен и набавката на отровен мазут.
Каја Шукова беше министер кој можеше да крене глас, но таа избра да молчи и дозволи и Скопје и Македонија систематски да бидат труени.
Во октомври, Каја Шукова ќе биде испратена во трајна политичка пензија. Скопје го очекува многу труд и многу работа со Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Зајкова: Ако некој пратеник мисли дека банките му се поважни од народот, нека излезе и нека каже – „гласав за банките, а не за народот”

Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, повторно, по трет пат ќе ги поднесе измените на Законот за платежни услуги и платни системи, со кој се намалуваат и укинуваат неоснованите банкарски трошоци кои банките им ги наплаќаат на граѓаните.
„Конечно после 2 години постојано говорење и борба имаме добра вест – Гувернерот на Народната банка го прифати предлогот на ЛДП – да се намалат банкарските провизии и трошоци што со години ги празнат џебовите на граѓаните! НБРМ ги намали надоместоците на банките, сега е на ред ние да ги намалиме трошоците на граѓаните. На народот му наплаќаат за сè: за трансакции, за одржување сметки, за да си ги гледате парите на банкомат, па дури и за да ги извадите од банкомат! Огромни профити за банките, празни паричници за народот“, изјави Зајкова во своето обраќање од собранискиот прес-центар.
Зајкова посочува дека само за првите три месеци од годинава секоја личност во Македонија – па дури и новороденчињата – им дале по 1000 денари на банките, односно повеќе од 5000 денари по семејство, средства кои може да се пренаменат за зголемување на платите и на пензиите.
„Доста беше! Граѓаните не се банкомати, не се бројка за профит, туку луѓе што се борат да преживеат. И кога веќе Гувернерот покажа слух, време е Собранието да застане со нас – и конечно да покажеме сите дека работиме за граѓаните, а не за банките. Нашиот предлог повторно по 3-ти пат ќе биде доставен до Собранието и очекуваме овој пат сите пратеници, без разлика на партијата, да го поддржат“, вели пратеничката Зајкова и додава дека ова не е политика, туку прашање на финансиска правда.
„Ако некој пратеник мисли дека банките му се поважни од народот, нека излезе и нека каже ‘Гласав за банките, а не за народот – само затоа што ЛДП го предложи решението’, а ЛДП како и досега, ќе гласа секогаш за она што е од интерес за граѓаните“, заклучува Моника Зајкова.
Македонија
Кој гради на местото на јавниот базен во Сарај, прашуваат од „Вреди“

Во Општина Сарај продолжуваат градбите кои се изведуваат тајно и без соодветна законска документација, реагираат од „Вреди“.
„Во Сарај се гради или реконструира објект кој некогаш беше јавна сопственост, заедничко добро на сите граѓани, а денес е претворен во приватна сопственост.
Станува збор за базенот сместен во спортско-рекреативниот центар во Сарај, кој во 2023 година, од страна на тогашната влада составена од ДУИ и СДСМ, беше трансформиран во сопственост на Општина Сарај. Од тогаш па наваму, нема објавено ниту една официјална информација за овој објект, кој требаше да остане во служба на сите скопјани“.
Во Општина Сарај како што подвлече Мухамед Елмази од „Вреди“ владее молк. Градбата, појаснува тој, се одвива без никаква информативна табла на теренот, без јавна најава, без истакнат број на градежна дозвола и без податоци за инвеститорот.
„Сè се одвива во целосна тајност.
Општина Сарај должи одговори на жителите на Сарај и пошироко:
• Кое е претпријатието што го гради објектот?
• Кој е инвеститорот и со какви средства се финансира изградбата?
• На која правна основа се гради?
• Кога е донесена одлуката за оваа градба?
Во меѓувреме, Градот Скопје, како и секогаш кога станува збор за интереси на актуелниот градоначалник на Сарај и неговиот претпоставен Блерим Беџети, молчи.
Во сите случаи поврзани со Блерим Беџети, Градот Скопје се однесува како да нема надлежност за надзор, инспекција или прашања поврзани со земјиштето и урбанистичките интервенции“.
Од партијата бараат Општина Сарај веднаш да ја објави целата документација и официјалните информации поврзани со овој објект.
Бараат и Градот Скопје да спроведе целосна инспекциска контрола и да ја информира јавноста транспарентно, јасно и одговорно.