Македонија
Заев на координација за хуманитарната мисија во Авганистан: Сите македонски граѓани се извлечени
Денеска во Владата на Северна Македонија во организација на премиерот Зоран Заев се одржа координативен состанок со сите вклучени чинители во големата хуманитарна меѓународна мисија за спасување на цивилно мирољубиво население од Авганистан, соопштија владините служби.
Премиерот Заев во лично име и во име на Владата изразил благодарност до сите организации и институции кои се вклучени во оваа глобална живото-спасувачка мисија во која Северна Македонија се вклучува како предводник заедно со неколку земји од регионот и со своите сојузници од НАТО, a со која се евакуираа сите македонски граѓани од територијата на Авганистан и со која се спасуваат граѓани од локалното население од демократските мисии во земјата.
Владата на Република Северна Македонија до овој момент презеде обврска за прифаќање на околу 650 граѓани, локално население од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија, информираа од таму.
Премиерот Заев ги информирал присутните дека последното прифатено барање за обезбедување помош за спасување и прифаќање граѓани е дадено на Меѓународната асоцијација на новинари (IFJ) за 15 новинари, медиумски работници и членови на нивните семејства, со што вкупната бројка на медиумски работници и членови на нивни семејства кои ќе бидат згрижени во нашата земја ќе достигне над 80.
“Нашата држава и нашето општество имаат и капацитети и начин на организираност и високо изразено чувство за солидарност и сите ние заедно ќе покажеме и пред демократските пријатели од Авганистан, и пред целиот свет и пред себеси дека во ваквите кризни хуманитарни ситуации не постои поинаков одговор освен веднаш да се помогне со сите капацитети на располагање – спасуваме миротворно население кое 20 години ја негуваше демократијата во Авганистан и кои беа помош и поддршка и на нашата Армија во мировните мисии таму”, рече премиерот Заев за време на координативниот состанок.
Министерството за надворешни работи информираше дека во овој момент сите македонски граѓани се безбедно евакуирани од Авганистан и дека се очекува многу скоро да пристигнат дома во Северна Македонија.
Министерството за внатрешни работи информираше дека ја обезбедува сигурноста на македонските државјани, но и на авганистанските државјани кои влегуваат во земјата од хуманитарни причини. МВР ги презема сите потребни активности кои се однесуваат на граничното работење, преминот на државната граница и останатите аспекти за регулирање на статусот и престојот на оваа категорија на лица во нашата држава.
На состанокот од страна на претставниците на Црвениот Крст беа презентирани плановите за прифаќање и помош на граѓаните кои се очекува да пристигнат во следните денови.
Црвениот крст заедно со останатите меѓународни организации ќе обезбедат соодветни информации, превод и комуникација со лицата согласно нивните потреби, основни средства и пакети за хигиена, како и задоволување на сите медицински потреби на лицата во координација со Министерството за здравство, како и средства за комуникација и одржување на работните потреби на луѓето, рекреативни активности и активности за целокупна поддршка на луѓето и децата во овој период.
На состанокот биле разгледани сите оперативни аспекти во врска со привременото сместувањето на лицата во хотели и мотели, од трансферот до нивните крајни дестинации како што се САД или трети земји, за што трошоците ќе бидат покриени од меѓународните организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

