Македонија
Заев на одбележувањето на почетокот на австриското претседателство: Добивме силен, голем и одговорен поддржувач на регионот
Премиерот Зоран Заев присуствуваше на одбележувањето на почетокот на австриското претседателство, вчеравечер во Скопје, заедно со владини претставници, при што имаше и поздравно обраќање. Пред присутните, австриската амбасадорка во земјава, Ренате Коблер, амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, бугарскиот амбасадор во земјава, Иван Петков, претставници од дипломатскиот кор во земјава, од Владата, од парламентот, претставници од други институции и организации, граѓани, премиерот Заев упати честитки за почетокот на претседавањето на Република Австрија со Европската Унија, се заблагодари за големата поддршка од Австрија за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и ги соопшти очекувањата на граѓаните на нашата држава и на Владата.
„Европската Унија, со Австрија, по Бугарија, доби уште еден, голем, силен, одговорен поддржувач на интегрирана и обединета Европа. Тоа е надежта на граѓаните на Македонија, надежта на граѓаните на целиот регион на Западен Балкан, надежта на младите луѓе во нашата земја и во соседството, чии соништа се поврзани со светла европска иднина, во своите држави и во Европа. Европа не е само континент, не е само политички и економски сојуз, Европа е вредности во коишто верувале и веруваат бројни минати, сегашни и, уверен сум, идни генерации. Европа е потреба за Европската Унија, за нашиот регион што цели кон неа, за светот, затоа што Европа е доказ дека различностите се предност, заедништвото е можно – до стабилен свет, до спокоен свет, до економски развиен свет, до свет за сите“, рече Заев.

Тој ја поздрави најавата на австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој вчера при преземањето на претседателството рече дека Австрија има намера да изгради ефикасна, обединета и фокусирана Европа, Европа којашто заштитува, Европа којашто гради мостови во Унијата.
„Јас се согласувам со канцеларот Курц дека успехот на Европа е можен само ако сите земји во Унијата соработуваат меѓу себе, а среќен сум дека интеграцијата на Западен Балкан во Унијата останува фокус и на австриското претседателство. Ваквиот фокус нам ни дава шанса да се бориме за нашата европска перспектива, да ги забрзаме реформите, да ги довршиме започнатите мостови со соседите“, додаде премиерот.
Тој вели дека „сме свесни за грижите со коишто се соочува Унијата со брегзит и мигрантската криза“ и изрази благодарност „за покажаната сила со вреднувањето на напорите на Македонија на реформскиот и добрососедски пат“, со што ѝ е дадена поддршка на Македонија за отворање пристапни преговори со ЕУ.
„Ова верувајте е силна мотивација за Република Македонија во којашто добивте уште попосветен партнер и пријател, за надминување на сите постоечки предизвици во Европа и светот, а тоа верувам дека е чувство на сите земји од регионот со европски цели. Нека успее мисијата што си ја постави нашиот пријател, Австрија, за изградба на обединета Европа, Европа којашто штити. Република Македонија е со вас на тој пат. Среќно да ни е пријатели“, рече Заев.
На свеченоста се обрати и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој го поздрави преземањето на австриското претседателство со благодарност за поддршката од Австрија за Македонија и регионот и најави завршување на домашните обврски на земјава на евроинтеграцискиот пат.
Вицепремиерот Османи ја нагласи важноста на ставот на Република Австрија дека „европските интеграции остануваат клучен приоритет“, дека е значајна „поддршката на интеграциите на регионот“, како и дека Република Македонија „на ваквата доверба ќе врати со почитување на европските стандарди и вредности, за стабилна Европа и Европа којашто штити, за сите нас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци, правда ќе има
Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 посто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по 7 годишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивост за политичарите кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршната власт во овој случај има обврска да го обезбеди бегалецот пред органите на правдата и тоа МВР го направи.
Што се однесува до лицемерието на СДС тоа се гледа и во фактот што до вчера велеа дека власта го пуштила да избега, а од денес велат дека е договорено неговото обезбедување пред органите на прогонот. Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите заедно ќе одговараат. Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Дефокус не го полни фрижидерот, потребна е 600 евра минимална плата, велат од СДСМ
Со дефокус нема да ја тргнете темата за 600 евра минимална плата. Дефокус не го полни фрижидерот, истакнуваат од СДСМ.
„Со дефокус не можете да ја тргнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари. Повеќе не можете така да поминувате. На сите им е сè јасно. План за ребаланс на буџетот и кратење на луксузот ви дадовме. Прифатете го предлог-законот, откажете се од авионот, мебелот и луксузирањето. Дајте им на работниците тоа што го заслужуваат за пристоен живот.
Џабе ви се 40% од медиумите во сопственост на Орбан – гладен стомак не можете со пропаганда да го убедите дека е сит. Луѓето живеат тешко додека вие ги полните џебовите со тендери“.
Секојдневно ја задолжувате државата за вашите тендери, ги полните своите џебови додека луѓето едвај врзуваат крај со крај, реагираат од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ.
„Вашите црни кампањи, така наречени новинари како Латас, Ивона, Геро и „суперхероите“ како Бетмен не поминуваат повеќе. Вашите Алфа/Алта мрежи не можат да го запрат незадоволството кај народот.
Прифатете го законот заради работниците – доста беше од вашите игри.
Ќе дојде ден кога правосудството ќе биде слободно – сите ќе одговарате“.
Македонија
Поради одрон на патниот правец Катланово – Велес, сообраќајот се одвива по една коловозна лента
Од 08:40 часот поради одрон на патниот правец А1 Катланово – Велес, на 2,5км после Б.П. Детоил сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 20 – 25 метри, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево

