Македонија
Заев на отворањето на автопатот „Арбен Џафери“: Поврзувањето со Косово ја забрзува европеизацијата на регионот
Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министрите за транспорт и врски и за економија, Горан Сугарески и Крешник Бектеши, и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска присуствуваше на отворањето на автопатот Р6 „Арбен Џафери“ во Косово.
„Оваа модерна автопатска артерија од денеска станува дел од системот автопати што го прави нашиот регион поврзан, близок, пријателски. Автопат кој ќе ја забрза динамиката на односите меѓу граѓаните, меѓу бизнис-заедницата од повеќе земји од овој наш регион“, рече Заев.

Тој кажа дека автопатот „Арбен Џафери“ е награда за трпеливоста и за бројните и значајни врски што Косово ги има со Република Северна Македонија на секој план.
„Овој автопат од денеска ќе стане сообраќајницата која ќе овозможи најсовремен, најбрз и најбезбеден проток на стотици илјади автомобили, граѓани и на други транспортни средства кои обезбедуваат Косово да биде меѓу топ 20-те земји со највисок обем на трговска размена со Република Северна Македонија, вредна повеќе од 500 милиони евра“, рече премиерот.
Според Заев, инфраструктурното поврзување во голема мерка ќе ја забрза севкупната европеизација на регионот.
„Автопатот што денеска се пушта во употреба го носи името на големиот Арбен Џафери, еден од најистакнатите ликови од независноста на нашата земја. Еден од оние истакнати личности кои дадоа голем придонес регионот да биде поврзан и единствен, составен од суверени земји кои меѓусебно се респектираат и го делат минатото во име на заедничката европска иднина. Автопатот што денеска се пушта во употреба ќе биде силна мотивација и за нас да ги забрзаме подготовките за старт на работите на автопатот Блаце – Скопје. Овие денови и кај нас се распишува тендерот на автопатот од 14 километри, вреден 120 милиони евра којшто е од границата меѓу Северна Македонија и Косово, до главниот град на нашата земја, Скопје. Така ќе се заокружи автопатското поврзување меѓу Скопје и Приштина и патувањето меѓу овие два града ќе трае само 45 минути“, рече Заев.

Овој автопат, додаде тој, прави поврзување помеѓу граѓаните во Република Северна Македонија и Косово, но и помеѓу граѓаните на Северна Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора, го поврзува целиот овој наш регион.
На настанот присуствуваа претседателот и премиерот на Косово, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, претседателот на Собранието на Косово, Кадри Вејсели, премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, и други државници и амбасадори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

