Македонија
Заев на отворањето на првиот младински центар во Куманово: Со овие центри се обезбедува системска поддршка за младите
Премиерот Зоран Заев учествуваше на настан по повод отворањето на првиот младински центар во државата согласно Законот за младинско учество и младински политики во Општина Куманово.
Заев на свеченоста, на која учествуваа и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсоски, заменикот-директор на АМС Авни Рустеми, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, пратениците Мартин Костовски и Лидија Тасевска, претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска, и претставници на младински организации и организации за млади, средношколци, студенти од општината, истакна дека со отворањето на овие центри пред сѐ се обезбедува соодветен и безбеден простор каде ќе се спроведува системска поддршка за интересот и личниот развој на младите луѓе.
„Ова ќе го постигнеме преку неформално образование, менторство, информирање, неформално искуствено учење кое се случува во слободно време низ учество во забавни и волонтерски активности, кои ќе им бидат достапни на сите млади од општината. Едновремено, овој проект претставува и широк инклузивен процес со кој сакаме да креираме простор за младите и нивниот глас кој ќе допре до институциите и ќе се преточи во конкретна мерка, активност и реформа која ќе ја унапреди положбата на младиот човек во Република Северна Македонија“, нагласи премиерот.
Заев потенцираше дека конечната цел со младинските центри е да се креира поволен амбиент за сите, во кој заедно, на иста маса, младите и институциите носат одлуки од корист на младиот човек.
„Општина Куманово е позната како симбол на шареноликоста и пријател на младите луѓе и отворањето на овој младински центар само го потврдува тоа. Со неговото отворање како и со формирањето на локалните младински совети, гарантираниот буџет за млади, не постои можност градоначалникот и локалната власт да ги слушнат младите а да не креираат политики и активности по нивна мерка“, потенцираше Заев.
Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во своето обраќање рече дека одлуката за првиот младински центар во државата, според Законот за младинско учество и младински политики, да се отвори во Општина Куманово е признание за сите остварувања што општината ги направиле за младите.
Директорот на АМС Наумче Мојсовски во своето обраќање нагласи дека верува дека овој младински центар ќе биде место каде ќе се родат големи идеи, каде креативноста ќе биде на највисоко ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Сѐ е исто како во времето на Груевски, затоа и постојано одат со владиниот авион во Будимпешта по нови задачи и насоки“, велат од СДСМ
„55 дена нема одговор од Обвинителството за криминалните тендери, молчи и Државната комисија за спречување на корупција. Нема одговори за 161 тендер за една фрима, 51 тендер преку општините за друга, 74 тендери за трета, нема одговори за 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, за тендерот од 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“, велат од СДСМ.
„Милионски тендери добиваат едни исти фирми блиски до власта а Обвинителството молчи и не презема ништо. Судството и обвинителството се целосно под контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ. Поставуваат свои луѓе на клучни позиции, носат „реформи“ и закони спротивни на препораките од ЕУ.
Очигледно Обвинителството служи како алатка за заплашување. Безбедосните службите се злоупотребуваат за следење, медиумите од мрежата на Орбан за црни кампањи.
Му се закануваат на претседателот на синдикатот кој се бори за поголема минимална плата за работниците. Го следат дури и кога е со своите деца. Сѐ е исто како во времето на Груевски. Затоа и постојано одат со владиниот авион во Будимпешта по нови задачи и насоки“, соопшти СДСМ.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 11:00 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Владата на булеварот „Илинден“ и булеварот „Свети Климент Охридски“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово
„Сведоштвата на поранешната обвинителка Лејла Кадриу отвораат сериозни прашања за причините и одговорноста за трагичниот настан во модуларната болница во Тетово. Филипче ја составил, потпишал и одобрил техничката спецификација, но доколку постапувал согласно закон и доколку не го интересирале провизии, трагедијата можела да биде спречена“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Модуларната болница во Тетово била изградена без исполнување на минимум стандарди. Наместо овие објекти да служеле за безбедност на граѓаните, истите не биле во согласност со пропишаните стандарди за изградба на објекти од областа на здравството.
Зошто законите не се почитувале и се импровизирало при нивното спроведување?
Зошто не биле доследно применети Законот за градење и Законот за здравствена дејност?
Зошто профитот бил ставен пред јавното добро?
Филипче и СДС наместо безбедноста на граѓаните ги интересирале провизии, анекси и тендери.
Во време на Филипче се вршеле набавки на вакцини од фирма која продава манго и ананас. Дополнително, се делеле физиолошки раствори наместо хемотерапија на Онкологија.
Пожарот во модуларната болница во Тетово исто така се случил поради низа пропусти при изградбата на објектот.
Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

