Македонија
Заев на самит во Лондон: Разговорите за Западен Балкан се разговори за иднината на Европа
Премиерот Зоран Заев и владината делегација ги почнаа активностите од учеството на централниот дел од Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што се одржува во Лондон.
Владината делегација која Заев ја предводи во Лондон е составена од Бујар Османи, вицепремиер задолжен за европски прашања, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Како што информираат од владината прес-служба, прогрaмата на Самитот ЕУ-Западен Балкан почнала со приемот организиран од британската премиерка Тереза Меј, за шефовите на делегациите на земјите членки на Берлинскиот процес и на земјите членки на ЕУ присутни на Самитот, како и за претставниците на Европската комисија.
Премиерот Заев присуствувал и на работниот ручек за шефовите на делегациите и на директорите на Европската инвестициона банка, на Европската банка за обнова и развој, на претставниците на Регионалниот совет за соработка на земјите од Западен Балкан, како и на претставниците на Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите (РИКО).
На работната сесија на ручекот, посветена на економијата и на регионалната соработка, со воведно излагање се обратил еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.
Како што се наведува во владиното соопштение, лидерите на Европската Унија и на Западен Балкан ја потврдиле заложбата за зајакнување на регионалната соработка, за подем на економијата и за раст на трговската размена меѓу земјите во регионот. Заедно со напредокот во агендата за дигитализација на поврзувањето меѓу земјите и народите во областите со најмногу потенцијал, се очекува во скора иднина напредок во мобилноста, односно во движење на работна сила.
Заев потоа бил поканет да се обрати на панелот на тема „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, на кој претседавала британската премиерка, Тереза Меј.
Се очекува премиерот на Самитот да учествува и во работата на пленарната сесија водена од британската премиерка Тереза Меј, на која ќе бидат презентирани плановите за Самитот во Варшава во 2019 година.
На оваа пленарна сесија пред присутните ќе се обратат полскиот премиер Матеуш Моравјецки, германската канцеларка Ангела Меркел и еврокомесарот Јоханес Хан, на темата „Иднината на Берлинскиот процес“.
Официјалната програма на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што овој пат се одржува во Лондон, завршува вечерва со прием за сите делегации во палатата Сејнт Џејмс, кој ќе го приреди принцот Чарлс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре и задутре во Тетово поради предизборни митинзи
СВР Тетово информира дека поради одржување на митинзи на политичките партии во рамки на предизборната кампања во следните два дена (недела и понеделник) ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на градот.
– Ќе се воведе посебен режим на сообраќајот и тоа по булевар „Илирија“од влезот на Тетово сè до плоштадот, односно кружниот тек со булевар „Илинденска”, при што нема да се дозволува паркирање на возилата низ булеварот. Исто така, за време на митинзите сообраќајот ќе биде пренасочен по другите улици, и тоа по улиците „ЈНА“, „Тодор Ципоски-Мерџан”, „Јане Сандански“ и улица „Никола Тесла“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Отттаму со апел возачите да бидат трпеливи и да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Ковачевски: Имаме задача да не се откажеме од европскиот сон за подобра и просперитетна држава за идните генерации
„Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон на земјата и да направи сè за Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Кичево.
Ковачевски истакна дека денеска кога чествуваме 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, важно е да се потсетиме дека низ историјата нашиот народ не се откажувал дури ни пред најтешките предизвици. Порача дека 8 мај е нов историски крстопат, денот кога сите прогресивни и демократски сили во државата треба да одлучат државата одлучно да продолжи на патот кон Европската Унија.
„Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации. Држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра“, рече Ковачевски.
Ако ВМРО ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власта, ќе стават рампа на патот на Македонија кон Брисел и ќе можеме да се збогуваме од ЕУ, истакна Ковачевски.
„Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ. Уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење на Македонија. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од ВМРО – ДПМНЕ“, истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ пред граѓаните на Кичево најави повисоки плати и пензии, пакети за поддршка на учениците и студентите, одговорна социјална политика и одлучна борба против криминалот и корупцијата.
Македонија
Проданоски: Експресниот пат Градско-Прилеп ни од далеку не е готов, да ставиме крај на лагите на СДСМ на 8 мај
Тука сме на лице место за да ги разобличиме лагите кои што СДСМ се обидуваат да ги пласираат до јавноста, рече Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
– Овде во Дреновската клисура каде што сме на самиот старт на почетни градежни активности, а за кои што слушнавме дека во 90 % експресниот пат е завршен. Овие се истите лаги исто како оние на почетокот на нивниот мандат кога Фејсбук и Гугл чекаа на граница, истите лаги како фабриката за автомобили во Тетово. Но, македонските граѓани треба да видат и да знаат дека овде на ова место е сам старт на почеток на градежни активности, а не е видлив ниту крајот на она како што тие сакаат да го пласираат. Да не зборувам тука и за третата фаза од експресниот пат за која што има обезбедено средства и за која што можеше исто да биде завршена ако не беа платени пеналите кон компанијата на која што и се бараше рекет за да остане да го гради автопатот и се изгуби значително голем период од изградба на патот и барање на друга компанија, рече тој.
На лагите од СДСМ им нема крај, овие лаги мора да завршат, затоа на 8-ми мај ве повикувам сите да заокружите број 2 за да и ова автопатско решение биде завршено и биде ставено во функција на секој граѓанин на Република Македонија, додаде Проданоски.