Македонија
Заев на седницата за изборот на новиот заменик-министер за здравство: Создаваме услови да ги задржиме здравствените работници во земјата
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска, во Собранието го образложи предлогот – доктор Арменд Арслани да биде избран за заменик-министер за здравство во Владата.
Заев посочи на искуствата на доктор Арслани, вработен во Специјализираната болница по нефрологија во Струга и член на Управниот одбор во болницата, во медицината и во менаџирањето.
„Арменд Арслани е доктор на општа медицина, дипломирал општа медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’ во Скопје, а во тек е неговото професионално и научно усовршување како специјализант по урологија и уролошка хирургија на оваа научно-образовна институција. Од 2018 година е член на Управниот одбор на Специјализираната болница по нефрологија во Струга, со што се стекнува и го применува своето искуство и во менаџирањето на стручните и економските ресурси на болницата. Во текот на својата професионална кариера редовно посетува специјалистички семинари и учествува на студиски престои во земјата и странство, бил стажант на Програмата за стажирање на Факултетот за медицина на универзитетот во Истанбул, на одделението за урологија, и учествувал во стручни обуки за примена на најнови методи за дијагнози и интервенции, како член на Асоцијацијата на албанските лекари и на повеќе конгреси и семинари презентирал студии на случај од својата професионална пракса, работел на преводот на ‘Водичот на Европската асоцијација на уролози’“, рече во образложението премиерот Заев за предлогот Арменд Арслани, доктор по општа медицина и специјализант по урологија и уролошка хирургија, да биде избран за заменик-министер за здравство во Владата.
Тој на забелешките од опозицијата за состојбите во ресорот здравство посочи на најновото покачување на платите на специјалистите и на активностите за осовременувања во здравството, како што е реализацијата на изградбата на новиот клинички центар.
Заев посочи дека државата обезбедува поголеми плати и на матичните лекари и на медицинските сестри.
„Треба да го задржиме целиот медицински персонал во државата – од лекари, специјалисти, медицински сестри, болничари, да ги мотивираме колку што можеме повеќе“, рече премиерот Заев најавувајќи дека на ова работи оваа Влада.
Тој информира дека очекува реализација на капиталниот проект за новиот клинички центар во согласност со објавената динамика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

