Македонија
Заев на средба со амбасадорката Брнс: САД остануваат наш стратешки сојузник
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со амбасадорката на САД, Кејт Брнс.
На средбата се разговараше на повеќе актуелни теми, како што се организирањето фер и демократски избори, процесот на реформски процес, како и процесот на интеграција во НАТО и ЕУ.
Заев изрази благодарност до амбасадорката Брнс за поддршката што САД континуирано ѝ ја даваат на Република Северна Македонија во градењето модерно демократско општество, како и во процесот на реализација на нашите стратешки интереси поставени уште од независноста.
„Цениме што Сенатот на САД веќе го ратификува протоколот за членство во НАТО. Владата веќе го достави протоколот во Собранието и тој ќе биде усвоен пред распуштањето на парламентот, а ќе се ефектуира кога ќе биде усвоен од страна на парламентот во Шпанија. Во зависност од динамиката во Шпанија, очекуваме полноправното членство официјално да биде заокружено напролет“, истакна претседателот Заев.
Осврнувајќи за на процесот за организирање избори и за работата на преодната Влада, претседателот Заев порача дека државата досега во последните неколку изборни циклуси, како локалните во 2017, претседателските во 2019 и референдумот во 2018 година, покажала дека може да организира чисти, фер и демократски избори и дека верува оти тоа ќе биде случај и со предвремените избори на 12 април.
„Преодната Влада беше формирана во согласност со политичкиот договор, законските рокови и уставните услови, без никакви проблеми. Ова е доказ дека нашиот политички и институционален систем функционира многу добро. За изборите на 12 април власта и опозицијата имаат заедничка одговорност. А особено опозицијата имајќи предвид дека го раководи МВР како институција од исклучително значење во спроведувањето слободни, фер, демократски и успешни избори“, посочи Заев.
Амбасадорката Брнс истакна дека Република Северна Македонија е стабилна на својот пат кон полноправно членство во НАТО и ЕУ и дека треба да продолжи посветено со реформите што се во интерес на граѓаните. Брнс изрази уверување дека на 12 април ќе се одржат фер, демократски и слободни избори, на кои ќе се почитува изборната волја и уште еднаш ги реафирмира ставовите дека САД остануваат силен стратешки сојузник на нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.
Македонија
Иран се соочува со агресија, МНР наместо пддршка да го осуди американско – ционистичкото дивеење, велат од Левица
Политичката партија Левица најостро ја осудува, како што велат од таму, американско-ционистичката агресија врз Иран, вклучително убиството на дел од неговото воено-политичко раководство и масакрите врз цивилното население.
„Ова подивено однесување на екстремно-десничарската администрација на Трамп во соработка со геноцидниот касап Нетањаху претставува флагрантен државен тероризам, газење на меѓународниот поредок, и акт на воена агресија чија цел е дестабилизација на суверена држава и воспоставување на империјална доминација на Блискиот исток. Таквите злосторства против човештвото не можат да поминат неказнети и се директно спротивни на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации“.
Апелираат до МНР и министерот Тимчо Муцунски наместо, како што додаваат, слепа поддршка за оваа дивјачка агресија, да испратат јасна осуда против оваа бесмислена воена агресија со потсетување дека и македонскиот народ во својата историја бил жртва на империјалистичката чизма.
„Република Македонија мора да се позиционира на страната на мирот, суверенитетот и анти-империјалистичката борба, а не да молчи пред злосторствата на суперсилите. Левица останува непоколеблива во својата борба против сите форми на империјалистичка агресија и ќе продолжи да се залага за ослободување на народите ширум светот“

