Македонија
Заев на средба со европскиот комесар Аврамопулос: Реформите во безбедносниот сектор се успешно спроведени
Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вечерва се сретна со европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, придружуван од амбасадорот на ЕУ во земјата, Самуел Жбогар.
На средбата се поздравени успешните политики на МВР и на Владата во делот на јакнење на капацитетите и соработката со ЕУ за справување со илегалната миграција и за направените безбедносни реформи. Констатирано е дека нашата држава ги исполни бараните стандарди од ЕУ и порачано е нашата држава да го задржи лидерството во реформскиот процес. Пренесена е пораката дека Република Северна Македонија ја има поддршката од Европската комисија, која потврди дека нашата држава заслужува отворање на преговарачкиот процес.
На средбата заеднички е констатирано дека европските интеграции се важни како за стабилноста на нашата земја така и на регионот.
„Работиме на спроведувањето на реформите и очекуваме да бидат вреднувани постигнатите резултати како дома така и во добрососедските односи. Почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ ќе овозможи проширување на соработката во борбата со криминалот и корупцијата, што ќе има резултати и на регионално ниво“, рече премиерот Заев.
На состанокот, претседателот на Владата, Заев, му се заблагодари на европскиот комесар Аврамопулос за изразената поддршка за напредокот и интеграциските перспективи на Република Северна Македонија.
Европскиот комесар Димитрис Аврамопулос е во Скопје за дводневниот министерски форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, организиран под покровителство на финското претседателство со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС е против „Безбеден град“ и покрај бројките и јасните резултати
СДС е против „Безбеден град“ и покрај бројките и јасните резултати, помалку жртви, помалку повредени, а повеќе безбедност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Филипче се против безбеден град, против заштита на безбедноста на граѓаните во сообраќајот, против намалувањето на повредени и човечки жртви во сообраќајот. СДС се против и покрај фактите и бројките за помалку жртви и помалку повредени, СДС се против се што е добро ако не е од нив. СДС додека беа на власт 8 години ништо не направија за да ја зголемат безбедноста во сообраќајот и да ги заштитат граѓаните. Зошто СДС и Оливер Спасовски цели 8 години не усогласиле ништо поврзано со Законот за заштита на лични податоци. За разлика од СДС изминатите неколку недели Министерството за внатрешни работи усогласи околу 11 акти со Агенцијата за заштита на личните податоци“, велат од партијата.
Од таму додаваат дека целта на „Безбеден град“ е да ја зголеми безбедносната култура на граѓаните, целта на „Безбеден град“ не е да казнува, туку да спаси човечки живот, да имаме колку што е можно помалку сообраќајни прекршоци, помалку повредени и колку што е можно помалку човечки жртви.
„На почетокот безбеден град детектира над 100.000 прекршоци дневно, а сега имаме драстично помалку сообраќајни прекршоци дневно. Со безбеден град успеаја бројот на починати, како последица на непочитување сообраќајни правила, на територија на СВР Скопје да го намалат од 11 споредено со декември и јануари минатата година на 2 смртни случи во декември 2025 и јануари 2026 година, заклучно со 20 јануари. Бројот на повредени лица, како последица на непочитување на сообраќајни правила, споредено за овие 50-тина дена со крајот на 2025 со почеток на 2026 година и крај на 2024 со почеток на 2025 година за истите месеци декември и јануари е намален за 35 отсто. Имаме за 35 отсто помалку повредени лица на територија на СВР Скопје компарирано со претходните два месеци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Општина Центар распиша конкурс за финансиска поддршка на проекти од сите области на културата
Општина Центар распиша конкурс за финансиска поддршка на проекти од сите области на културата за 2026 година, со цел унапредување и збогатување на локалната културна сцена.
„Општина Центар е препознатлива по својата автентична културна понуда, по креативните идеи и уметничките изрази што го оживуваат јавниот простор. Ги повикувам сите уметници, здруженија и организации од областа на културата да се пријават на конкурсот и да бидат дел од центарската приказна“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Приоритет имаат проекти што ја промовираат современата уметност, вклучуваат различни возрасни групи и афирмираат млади професионалци.
Предложените проекти треба да бидат од областа на изведбените, музичките и визуелните уметности, уметноста на новите медиуми, издавачката и библиотечната дејност, како и промоција на културното наследство.
Пријавите со целокупната документација може да се достават по пошта на адреса Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности, Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, или лично во Архивата на Општина Центар (барака 6), секој работен ден од 9 до 15 часот.
Рокот за пријавување е 10 дена од денот на објавувањето на конкурсот на општинската веб-страница.
Повеќе информации на:Јавни повици | Општина Центар
Македонија
„Вреди“: „Безбеден град“ е закон за живот, а не за казни
Системот “Безбеден град“ е прашање на јавна безбедност, на заштита на животите на граѓаните и на воспоставување ред во сообраќајот. Кога зборуваме за “Безбеден град“, не зборуваме за камери или казни, туку за човечки животи, велат од „Вреди“
„За побезбедни патишта, каде што никој не го губи својот татко, син или сестра поради туѓа неодговорност. За „Вреди“, човечкиот живот нема цена и не може да се релативизира со политички пресметки или дневни интереси. Затоа, законот за имплементација на системот „Безбеден град“ сега влегува во собраниска процедура, како неопходен чекор кон зголемување на безбедноста на патиштата и заштита на граѓаните.
Во исто време, сакаме јасно да нагласиме дека секој акт што ќе го издаде Министерството за внатрешни работи, без оглед на начинот на поднесување, ќе биде подготвен и доставен на јазикот утврден со Законот и Уставот, гарантирајќи целосно почитување на јазичните права на граѓаните, вклучително и на албанскиот јазик“.
„Вреди“ ги повикува народните пратеници да го видат овој закон надвор од дневната политика и да гласаат за граѓаните, за нивната безбедност и за животот, бидејќи, како што велат, безбедните патишта се заедничка одговорност и општ општествен интерес.

