Македонија
Заев на средба со пратенички од СИРИЗА: Договорот од Преспа го отвори нашиот пат кон ЕУ и НАТО
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со координаторката на Форумот на жените, Снежана Калеска-Ванчева, и пратеничката од редовите на СДСМ и коалицијата, Ивана Туфегџиќ, денеска се сретна со пратеничките Катерина Нотополу и Ирини Агатополу од партијата СИРИЗА од Република Грција.
На средбата претседателот Заев ја поздрави добрата соработка помеѓу двете левичарски партии, како и односите меѓу двете земји, кои бележат сериозно унапредување по постигнатиот договор од Преспа.
„Постигнатиот договор со Грција ги отвори перспективите кон НАТО и ЕУ и отвори ново поглавје во односите меѓу двете земји и севкупните односи во регионот. Граѓаните ги чувствуваат придобивките од придвижување на процесот на интеграција во ЕУ и НАТО. Сериозно е зголемен износот на странски инвестиции, економскиот раст е интензивен, има повеќе пари во државата, а тоа значи и повеќе пари кај граѓаните. Со постигнувањето на договорот се засили и економската соработка, што позитивно влијае врз економијата и животниот стандард на граѓаните во двете земји“, истакна претседателот Заев.
Претседателот Заев упати благодарност до СИРИЗА за поддршката на евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија што грчката партија ѝ ја дава и изрази надеж дека набргу ќе се донесе позитивна одлука за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, што ќе значи дополнителен поттик за интензивирање на реформските процеси.
Пратеничките од СИРИЗА, Нотополу и Агатополу, истакнаа дека нивната партија ја поддржува интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, особено преку нивниот ангажман во групата Европска обединета левица – Нордиска зелена левица во Европскиот парламент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре ќе биде променливо облачно, на планините снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Македонија
Мицкоски: Почната е постапката и обезбедено е финансирањето за 150 електрични автобуси
Премиерот, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините со организиран јавен превоз.
„Она кое што можеме ние како влада да го направиме е да обезбедиме транспорт за општините, онаму каде има организиран, којшто ќе биде еколошки. И токму таа е целта на набавка на овие 150 еколошки автобуси коишто се на електричен погон, користат исклучиво енергетско напојување кое за животната средина нема штетно влијание. Постапката е веќе почната, средствата ќе ги обезбедиме од влада со влада стратешкото партнерство со Унгарија, во најголем дел, а помал дел обезбедени од буџет под услови подеднакво доби како што претходно беше и оној прв договор за кредитно задолжување со Унгарија“, потенцираше премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Биљана Кузмановска.
Премиерот Мицкоски појасни дека овие 150 автобуси ќе бидат распределени во сите општини во кои има организирано јавен градски превоз, односно Град Скопје ќе добие 100, а останатите општини ќе добијат 50 автобуси.
„Конкретно во Скопје во насока на намалување на аерозагадувањето, тука ќе го споменам и Градскиот воз чија што прва делница сега се прави, а потоа ќе следат втората и третата, и очекувам заедно со БРТ системот и новите проекти во делот на гасификацијата, односно когенерацијата, заедно со производство на електрична енергија и топлина во периодот кој следи драматично да се намали аерозагадувањето. Ова се конкретни потези, сме ги лоцирале точките и работиме и ќе треба време. Процесот е почнат, обезбедено е финансирањето под услови исти како што имавме со претходниот заем, три години грејс период, каматна стапка од 3,25% минимум за останатиот период до 15 година отплата во рамките на стратешкото партнерство со унгарската влада. Следи процедура и набавка на овие 150 автобуси и нивна распределба“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски воедно истакна дека оперативните трошоци ќе бидат драматично намалени, ефектот е повеќеслоен, позитивен за аерозагадувањето, односно нема да има, но исто така позитивен ќе биде во делот на одржување на истите.
Македонија
Управниот одбор на Фондот на ПИОМ ги усвои Предлог- програмата и план за работа и Предлог Извештајот за работата на Фондот во 2025 година
Управниот одбор на Фондот на ПИОМ на дваесет и деветтата седница разгледа и усвои повеќе документи од негова надлежност.
Најнапред директорот на Фонодт, Никола Мемов, го информира Одборот за активностите во претходниот период, при што нагласи дека е остварена средба со Мисијата на Светска банка во врска со СИАП проектот, при што е нагласено дека согласно договореното во Фондот е екипирано Одделението за долгорочно планирање. Мемов рече дека во наредниот период ќе бидат направени подлабоки анализи и предвидувања за финсниските потреби на Фондот.
Членовите на Управниот одбор ги усвоија Предлог – Програмата и Планот за работа на Одборот во 2026 година.
Станка Трајкова, член на Одборот предложи Планот да се дополни со изготвување на Информација за остварувањетео на правото на пензија по воведувањето на задолжителното капитално финансиско осигурување, што беше прифатено.
Исто така, беше усвоен и Предлог – Извештајот за работата на Фондот во 2025 година. Директорката на Секторот за финансии во Фондот, Фатиме Неџипи нагласи дека во Извештајот се опфатени сите финансиски активности во изминатата година, со што може да се добие целосна слика за финансиското работење на Фондот.
Директорката на Секторот за остварување на правата, Билјана Стојанова ги презентираше активностите и деталите во доменот на остварувањето на правата, при што нагласи дека покрај редовните активности во изминатата година е озвоможена нова опција за следење на М1/М2 пријавите од АВРМ, а се одржани и повеќе обуки за нововработените лица.
Управниот одбор на Фондот ја усвои и Предлог – Одлуката за донесување на Годишниот план за јавни набавки на Фондот за 2026 година.
На седницата членовите на Управниот одбор беа информирани и за спроведените јавни набавки во минатата година, а беше донесена и Одлука за висината на благајничкиот максимум на Фондот за оваа година.

