Македонија
Заев на трибина во Тетово: Нема живот во Македонија ако нема правда и казни
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, вчеравечер учестуваше на граѓанска трибина на ОО СДСМ Тетово. Во своето обраќање пред присутните граѓани тој потенцираше дека унапредувањето на состојбите во Македонија, отворањето на перспективите за членство во ЕУ и НАТО, градењето пријателство со соседите и другите земји се со цел да се подобри економијата и животниот стандард на граѓаните.

„Во последниве 11 месеци се надминаа поделбите внатре во општеството, но се унапредија и соработката и пријателството со соседите и со светот. Ако сте скарана држава со соседите, ако сте поделени како општество, не може да очекувате економски напредок, затоа е важно што земјата се врати на евроинтеграцискиот пат. Членството во НАТО не значи само зголемена безбедност, туку тоа значи и нови инвестиции, нови работни места. НАТО значи повеќе пари, поголеми плати. Позитивната препорака за почеток за преговорите со ЕУ и членството во ЕУ не значат само зајакнати институции, владеење на правото, поголема слобода, туку и отворање нови фондови и повеќе пари кај граѓаните. Сè тоа значително ќе влијае на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Кога зборуваме за живот, мислиме на економскиот стандард на нашите граѓани“, порача Заев.
Претседателот Заев се осврна на досега сработеното од Владата предводена на СДСМ, но и на предвидените идни мерки коишто се во интерес на граѓаните.

„Уште во првите недели од мандатот донесовме мерки со кои ги намаливме трошоците на граѓаните. Ја укинавме радиодифузната такса и ја воведовме евтината тарифа на струјата, со што кај граѓаните останаа десетици милиони евра по основа на намалени трошоци. Законот за минимална плата ја отвори спиралата на раст на платитие. Околу 90 000 работници сега добиваат повисока плата, а просечната плата е зголемена и веќе е околу 24 000 денари. Дополнително, со новата мерка за државна помош на платите се отвора можност за зголемување на платите на уште 50 000 лица. Тоа ќе ја засили спиралата на раст на платите и верувам дека не до крајот на мандатот, туку до крајот на 2019 година просечната плата ќе изнесува 500 евра“, рече претседателот Заев.
Зборувајќи за капителните инвестиции, претседателот Заев потенцираше дека Владата обезбеди значителни 270 милиони евра за изградба на патни правци во должина од 800 километри. „Преку домаќинско работење обезбедени се околу 120 милиони евра кои ќе се искористат за инфраструктурни и комунални проекти како водоводи, канализации и пречистителни станици. Со продолжување на домаќинскиот пристап во работата верувам дека ќе се заштедат пари за значително зголемување на социјалната помош, а од почетокот на наредната година целосно да биде воведено и бесплатното болничко лекување“, додаде претседателот Заев.
Во дебатата за повеќе актуелни прашањА од граѓаните претседателот Заев ја посочи важноста од неселективно владеење на правото и правда достапна за сите.
„Нема живот во Македонија ако нема правда и казни. Ако нема казни како ќе знам дека луѓето што сега се во извршната власт нема да го прават истото што го правеа претходните. Секој кој се огрешил пред законите и за кого ќе има докази во транспарентна и отворена судска постапка мора да сноси одговорност и законот да биде еднаков за сите. Правда мора да има“, порача Заев.
Говорејќи пред присутните претседателот Заев ги издвои концептот на едно општество за сите и унапредувањето на пријателството со соседите и светот како клучни столбови во напредокот на Македонија. Претседателот Заев посочи дека Македонија чекори по вистинскиот пат и го искажа своето уверување, со посветена работа, заеднички со граѓаните, Македонија ќе биде достоинствено место за живот на сегашните и идните генерации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

