Македонија
Заев на Форум со граѓански организации: Приклучите се во овие историски моменти да ја обезбедиме иднината на државата
Премиерот Зоран Заев и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, имаа обраќања на тематскиот форум: „Една година влада – осврт на граѓанските организации кон досегашните постигнувања и идни очекувања“, што се одржа вчеравечер, заедно со претставници на Цивика мобилитас, во којашто членуваат околу двесте грантисти, како и пред претставници на донаторите на проектот, Швајцарската агенција за развој и соработка на Шведскиот институт за јавна администрација.
„Вие активно учествувате во реформските промени со коишто ја поставивме и ја движиме Република Македонија стабилно на патот на Европската Унија на НАТО. Вашето теренско (грас-рут) искуство, долгогодишната работа, анализите за клучни состојби во државата и од директен интерес за граѓаните на Република Македонија помогнаа кога го создадовме реформскиот план 3-6-9. А еве и овде ќе се обврзам, иако соработката со голем дел од вас e интензивна, дека граѓанскиот сектор останува активен дел и од практикувањето на политиките на Владата, и од носењето промени на сите нивоа“, рече Заев.
Тој оцени дека во општеството веќе е постигната свест, дека невладиниот сектор и граѓанските организации се една од најважните алки меѓу граѓаните и системот. „Власта никако не би смеела да се подразбира како моќ, туку како дадена доверба од граѓаните и должност кон граѓаните“, додаде премиерот Заев и посочи на направеното развластување кон граѓаните и кон општините.
„Да, Владата е политичка како што предвидува нашиот политички систем, но фокусот мора да биде кон граѓанските интереси. Затоа, ги вклучивме мерките од ‘Документот на граѓанските организации за итни демократски реформи’, познат како ‘Блупринт’, низ серијата консултации со претставници од граѓанскиот сектор. Посветени сме многу на проектот Отворено владино партнерство 2018-2020 и на консултативни средби со граѓанското општество за сите важни прашања за граѓаните од областа на секојдневниот живот, во унапредување на институционалните услуги, но и за клучните стратешки државни интереси“, рече Заев.
Тој сподели информации и за разговорите што течат околу спорот што ги сопира нашите евро-атлантски интеграции. „Република Македонија никогаш не била поблиску до изнаоѓање достоинствено решение на спорот со Република Грција коешто истовремено ќе го зачува и зајакне нашиот идентитет. Постои можност за такво решение за коешто последниот збор ќе го имаат граѓаните на Македонија на референдум. Јас сум подготвен за нашата држава повторно да покажам лидерство за заедничко добро на сите граѓани, за напредок и за развој на држава, сочувувајќи го дигнитетот, идентитетот и суверенитетот на нашите граѓани и нашата држава. И ве повикувам да учествувате, да се приклучите во овие историски моменти. Потребно ми е и мене како премиер и на Владата да продолжиме со активната, двонасочна отвореност и соработка и да дадете поддршка како граѓанско општество за економски развој и просперитет на Република Македонија. Вашата проактивност во нудење решенија е клучна. Можни се, достижни се и датум за ЕУ и покана за НАТО. Ако во тоа успееме, повторно, тоа ќе биде заеднички успех“ , рече премиерот.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, се осврна на реформите што во изминатата година се направени во медиумската сфера и во јавната администрација.
„Измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што се резултат на долга дебата во којашто беа вклучени сите засегнати страни, во моментов е дел од собраниска процедура. Клучна е улогата на медиумските работници кои мора го кренат класот и да придонесат кон конечно усвојување на законот, што е и нивен предлог. Владата ги поддржува реформите во медиумската сфера, коишто произлегуваат од медиумските здруженија, граѓанските организации, новинарите и сите засегнати страни, а се надеваме дека во овие заложби ќе се вклучи и опозицијата, за да може законот да помине во Собранието“, рече Манчевски.
Во делот на јавната администрација, министерот Манчевски посочи на дигитализацијата на услугите, што овозможува брзи, ефикасни, поевтини услуги за граѓаните. „Преку порталот за е-услуги, со воспоставувањето централизиран шалтерски систем и една точка за услуги, со дигитализацијата на повеќе од 50 услуги коишто се најчесто барани од граѓаните, ние ги носиме услугите до граѓаните. Најважен за граѓаните е квалитетот на услугите што ги добиваат, а ние ќе целиме кон ефикасна администрација“, додаде Манчевски.
На средбата се обрати и Стефан Томаџан, заменик-амбасадор на Швајцарија во земјава кој ги поздрави активностите на Владата на Македонија во вклучувањето на граѓанското општество во градењето политики. Тој рече дека тоа е швајцарски модел за успешно граѓанско општество што дава резултати, а присуството на премиерот Заев и на министерот Манчевски на Форумот е потврда за определбите на оваа Влада да гради успешно граѓанско општество.
Претставниците на граѓанските организации се интересираа за повеќе актуелни прашања во државата. Во дебатата тие добија уверување од премиерот Заев и од министерот Манчевски дека оваа Влада е подготвена финансиски да ги поддржи граѓанските организации со средства од буџетот. При тоа, премиерот Заев ги повика организациите самите да посочат модел на успешни европски пракси, како државата да одвојува пари за невладиниот сектор, но да не се меша во распределбата, за да се задржи независноста на граѓанскиот сектор. Претседателот на Владата, Заев, најави и дека претставници на граѓанскиот сектор ќе учествуваат во подготовката и имплементацијата на планот 18, како што беа земени предвид нивните сугестии во планот 3-6-9. Исто така, премиерот Заев и министерот Манчевски рекоа дека не можат да се мешаат во изборите на кадри во регулаторните тела, судството, но дека повикуваат на правична застапеност согласно со родовите прашања, на лицата со посебни потреби, на граѓаните Роми. Опфатени беа и теми од образованието, за децата, екологијата, при што премиерот Зоран Заев најави очекувања дека среднорочните и долгорочните мерки во заштитита на животната средина ќе дадат резултати, во интерес и на децата и учениците и на сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

