Македонија
Заев на 70-годишнината од основањето на ИНИ: Историјата да им служи на животот и иднината, а не на поделбите и омразите
Создавањето на нашата држава беше остварување на вековниот стремеж на граѓаните во Македонија за своја држава, а Институтот за национална историја – прва научна установа која имаше за цел да ја истражува, проучува и да ја пишува нејзината историја. Силна е таа симболика и врска на Институтот со македонската државност, порача премиерот Зоран Заев во обраќањето пред присутните на Свечената академија по повод 70 години од основањето на Институтот, која се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
„Имам чувство дека сите ние вечерва сме дел од историјата на нашата државност, имајќи го предвид фактот дека Институтот е основан како прва научна установа во 1948 година во нововоспоставената држава во редот на народите на светот“, истакна Заев.
Тој рече дека ИНИ е и чувар на колективната меморија која им дава на луѓето чувство на припадност. Историскиот континуитет остварен во средиштето на Балканот, како крстопат на цивилизациите, на народот на овие простори му го дава и паметењето на сите епохи кои оставиле траги на оваа територија.
Но, според премиерот Заев, инсистирањето на етничките, на верските и на јазичните разлики и непочитувањето на сличностите произлезени од одредени периоди од историјата доведува до стереотипно сфаќање за посебноста на историјата на секој од народите поодделно. Затоа, според него, треба да остане отворена можноста историјата да се согледува не од статична, застарена позиција, која застапува само една и единствена историска вистина, туку да им овозможи дијалог на различните погледи со световите со кои се споделувало заедничкото минато.
„Секоја земја и секоја генерација треба да го знае и да биде свесна за сопственото минато, но тоа не треба да се прави со промовирање на митови или со користење на политички мотивирани толкувања на историјата за напад на другиот, или на противниците. Свежи се лекциите и искуствата од современата историја што нè подучуваат дека треба да се воздржиме од злоупотреба на историјата за политичко профитирање. Единствениот начин да се справиме со употребата на минатото во политички цели е да се соочиме со тоа, да разговараме за тоа, да ги објасниме и разбиеме митовите ако тие се пречка за иднината“, подвлече премиерот Заев во обраќањето на Свечената академија.
На крајот, тој упати силна поддршка за подготвеноста на Институтот да организира важен меѓународен научен симпозиум, што е извонредна можност да се соочат историографските дилеми, како и да се побара одговор на научните предизвици во денешниот динамичен развој не само на регионот туку и на севкупната човечка цивилизација. Тоа, според премиерот Заев, е вистинскиот и единствен начин.
„Современата историографија треба да биде во чекор со времето, со научната вистинољубивост, но и со етичките хуманистички стандарди. Сите историографски книги, тргнувајќи од еден чесен и принципиелен однос кон проучувањето на минатото, треба да имаат пристап кон историјата за таа да им служи на животот и на иднината, а не на поделбите и омразите“, истакна претседателот на Владата, посакувајќи им на присутните научници понатамошна плодна долгогодишна успешна работа на полето на историската наука и изразувајќи уверување за понатамошно партнерство и поддршка за нивната работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.
Македонија
МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток
Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше формиран кризен штаб, кој е на 24-часовно располагање на граѓаните. Неговата задача е континуирано да ја следи состојбата и да ги координира и систематизира сите постапки поврзани со македонските државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, а на кои им е потребна помош или асистенција.
„Истовремено, дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните. Согласно информациите од Амбасадите на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството во Скопје, тековно се зголемува бројот на наши државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја. Со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, велат од МВР.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546

