Македонија
(Видео) Заев: Не нарачуваме рејтинзи, разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде меѓу 60.000 и 120.000 гласа
Ако Мицкоски прифати една изборна единица, јас нема да бидам кандидат на пратеничка листа. Немам амбиции, немам дилеми, растоварен сум, рече премиерот Заев одговарајќи на пратеничко прашање на Никола Мицевски дали Заев ќе прифати шпиц-кандидат.
Идејата за т.н. шпиц-кандидат ја промовираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, според кого најважно е да се пресликаат европските стандарди во Македонија, а тоа ќе се случи така што согласно европските пракси ќе се воведе кандидат за иден мандатар и токму тој ќе биде носител на кампањата која што политичките партии ќе ја спроведуваат.
„Ако сака Мицкоски, ќе играме шпиц-шпиц, крило-крило. Ќе седнеме на маса, ќе се договориме, еве веднаш сум подготвен да разговрам. Јас барам мандат за премиер, а шпиц-кандидат не е нешто ново, го имаа европската левица и десница“, рече Заев.
Пратеникот Мицевски го прозва премиерот Заев и дека последните анкети со рејтинзите биле нарачани од власта.
„МЦМС е независна организација финансирана од странство, со странски пари и тука немаме можност да го оспоруваме нејзиниот рејтинг. Во минатото резултатите од нивните анкети и нам не ни се допаѓале, но таа е реалноста. Разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе биде меѓу 60.000 и 120.000 гласа. Знаете зошто? Зошто граѓаните се ежат на помислата пе 11 години апсолутно владеење, повторно да се вратите на власт. Имаме среќа што државата е транспарентна, па граѓаните може да увидат и да сфатат. Се знае, господине Мицевски, ние постапуваме по системот no more secrets. Затоа и се свесни што ги чека кога ќе се вратите, меѓуетнички тензии и кавги со соседите“, заклучи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

