Македонија
Заев: Новото законско решение за амбасадори ќе ја штити дипломатската служба
Предлагаме ново законско решение за амбасадори, кое ќе ја штити дипломатската служба во иднина, давајќи предност на кариерните дипломати, соопшти премиерот Зоран Заев на неговиот профил на „Фејсбук“, споделувајќи анализа за амбасадорските позиции низ годините.
„Од 2017 досега 87,5 отсто од лицата кои се именувани за амбасадори се кариерни дипломати, 35 од нив се професионални, а само 5 се политички решенија. За споредба во периодот 2006-2017 година, соодносот помеѓу професионалните и политичките решенија бил 42,3 проценти, или во реалноста 33 кариерни (7 вработени непосредно пред испраќање) и дури 45 политички решенија.
Во 2014 последните 10 амбасадори кои биле испратени на мисија имаат вкупен стаж од 28 години во МНР, за разлика од последните 10 амбасадори во 2019, кои имаат вкупен стаж од 214 години во МНР“, се додава во статусот на премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

