Македонија
(Видео) Заев од Чаир: Ќе го поразиме лажниот патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја поразиме и ДУИ

„Покажавме дека имаме храброст за сè што беше важно за државата и денес им докажуваме на сите политичари дома и во регионот дека народот ги наградува храбрите политики и политичари и затоа ќе победиме и сè додека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ продолжуваат со лажен национализам, ќе продолжат да губат“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на трибина со граѓаните на општина Чаир.
„Со Законот за употреба на јазици го заокруживме формално-правниот дел од Охридскиот рамковен договор, остана духот на договорот да го вградиме за сите, рамноправно, еднакво и со правата и со обврските пред државата.
Денес, ДУИ и Ахмети лажат дека тие го донеле, можеа да го донесат додека беа со ВМРО-ДПМНЕ, но немаа храброст. Денес со тој закон не изгубија ништо ни Македонците, ни Србите, ни Власите, никој, само ослободивме едно право што беше заробено“, порача Заев пред граѓаните на Чаир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Карпош и Центар

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска ( среда ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.30 часот, корисниците од ул. Анкарска бр. 31. ( општина Карпош )
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Загребска. ( општина Центар )
Македонија
Сончево и потопло со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 17, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Времето во наредните денови
До петок времето ќе се задржи претежно сончево и топло со постепен пораст на дневните температури. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Во сабота попладне и во текот на ноќта кон недела ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до засилен југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот во северен. Потоа следува период на стабилно и потопло време.
Македонија
Министерството за одбрана реагира на соопштението на СДСМ: Лицемерно, со манипулација на факти и со целосно извртување на вистината

„Лицемерно, со манипулација на факти и со целосно извртување на вистината – така се карактеризира соопштението од политичката партија СДСМ која се обидува редовна и навремена набавка која се спроведува години наназад и се однесува на потребите на Армијата и СИТЕ угостителски објекти на Министерството и Армијата, вклучувајќи го и Домот на Армијата, авто камповите во Дојран и Охрид, како и Хотелот „Шар“ на Попова Шапка, да ја претстави во сосема поинакво светло. Првенствено, треба да се има предвид дека набавеното кафе и пијалоци во угостителските објекти кои се од отворен карактер за граѓаните, се во слободна продажба, а приходот од продажбата повторно влегува во македонскиот буџет“, реагира Министерството за одбрана на соопштението од политичката партија СДСМ.
„Впрочем, имајќи предвид дека последните седум години со Министерството раководеа кадри на оваа политичка партија, кои ги правеле ИСТИТЕ набавки, се поставува прашањето – дали тие не знаеле што прават, дали се „луксузирале“ со народните пари или сега се обидуваат да стават сомнеж на функционирањето и побарувањата од не било која, туку најценетата и најпочитуваната институција во државата – македонската Армија?
Фактите се следни:
Набавката на кафе и алкохолни пијалоци е спроведена во јавна и транспарентна постапка. Целата документација, вклучително и тендерската документација, договорите и одлуките се јавно достапни на Порталот за јавни набавки и секој граѓанин, новинар или институција може слободно да направи увид, анализа и споредба со набавките од претходните години.
Набавката се однесува на угостителски објекти од отворен тип, кои се користат во рамките на протоколарни, воени и меѓународни активности, а не за „удобност“ на министри, како што лажно се тврди.
Години наназад е спроведена ИСТА ТАКВА НАБАВКА, која оваа година (во споредба со 2023 година) е со многу помали количини, на пример: ставката за алкохолни пијалоци е намалена од 50 до 88 проценти, а жестоките алкохолни пијалоци кои претходно биле набавувани се целосно отстранети.
Сумата на договорот во 2025 година е намалена за 15 проценти во споредба со 2024 година и за речиси 40 проценти во споредба со 2023 година.
Прашањата кои се поставуваат се логични: Или раководството од СДСМ кое го предводело Министерството не знаело што работи и што набавува или политичката партија влегува во едно црно сценарио во кое се обидува да ја вметне и македонската Армија.
Ги повикуваме сите медиуми да не ги земаат предвид ваквите дезинформации кои се пласираат во јавноста особено од страна на политички партии. Борбата со дезинформациите и манипулацијата со фактите е нешто против кое треба сите заедно да се бориме вклучувајќи ги и политичките партии, а не тие да потекнуваат токму од овие кујни.
Се работи за македонските граѓани и за Македонија и токму затоа не смееме да дозволиме граѓаните да бидат излажани“, се наведува во реакцијата од Министерството за одбрана на соопштението од политичката партија СДСМ.