Македонија
Заев: Остануваме посветени на евро-атлантските интеграции
Премиереот Зоран Заев и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во телефонски разговор разменија мислења за одлуката на ЕУ да го одложи стартот за преговори на нашата земја за членство во Унијата, соопшти Владата.
Премиерот Заев му го пренесе на генералниот секретар Столтенберг расположението на граѓаните на земјата од историската грешка на ЕУ да не ги одобри очекуваните преговори за пристапување во полноправно членство како разочарувачко и фрустрирачко, наспроти фактот дека Република Северна Македонија ги исполни сите услови.
„Тоа не треба и нема да влијае и на остварувањето на втората од двете најголеми стратешки цели на државата – членството во ЕУ и од спроведувањето на реформите до крај за да ги имплементираме европските вредности во сите наши институции, во сите пори на нашето живеење“, истакнал во разговорот со Столтенберг претседателот на Владата, Заев.
Во телефонскиот разговор со Столтенберг, Заев се заблагодари за поддршката на НАТО во нашите евро-атлантски интеграции и истакна дека Северна Македонија останува посветена на заокружувањето на процесот за полноправно членство во алијансата, како нејзин стратегиски и суверен избор да биде следната, 30-та земја членка.
Премиерот Заев го информираше генералниот секретар на НАТО за резултатите од лидерската средба кај претседателот Пендаровски и за заеднички договорената согласност за организирање предвремени избори на 12 април идната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Истрага за недозволено држење оружје во Скопје, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 47-годишен скопјанец за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
На 18 јануари полициски службеници извршиле претрес во дом и други простории на лицето, на улица “Македонско-косовска ударна бригада” во Скопје, при што пронашле една пушка марка “Црвена застава”, една ловна пушка, муниција – куршуми и патрони, како и делови и компоненти од огнено оружје.
Ценејќи дека лицето нема да може да биде обезбедено во текот на постапката со друга поблага мерка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Православните верници го слават Богојавление – Водици, над 220 граѓани ќе се обидат да го фатат крстот во Вардар
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление, а централните манифестации, традиоционално ќе се одржат во Скопје и Охрид со осветување на водите на реката Вардар и Охридското езеро со положување на крстот во нив.
Празникот се одбележува од вториот век, а уште се нарекува и Водици поради големиот водосвет што го врши црквата на овој ден.
Според христијанското предание, на овој ден се одбележува крштевањето на Исус Христос од страна на Свети Јован Кристител во реката Јордан.
Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст. Над 220 граѓани денес ќе се обидат да го фатат крстот што ќе биде положен во реката Вардар во Скопје. Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Посебен режим на сообраќај
Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје денеска по повод празникот Водици ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Скопје, како и во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода и Аеродром.
Така, во центарот на град Скопје за сообраќај ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“ на потег од крстосница со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосница со улицата „11-ти Октомври“ во двете насоки.
Во општина Кисела Вода за сообраќај ќе бидат затворени улиците „14-ти Декември“ и дел од улицата „Христо Татарчев“ до салата „Расадник“.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, булеварот „Партизански Одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, потоа улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.
Македонија
Сончево време со температура до 12 степени
Времето утрово е студено, насекаде со негативни утрински температури. По одделни котлини ќе има појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена локална облачност. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -1, а максималната ќе достигне од 2 до 12 степени.
Во Скопје претпладне студено со појава на магла, преку денот сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време. Во понеделник по одделни котлини ќе има појава на магла, а локални врнежи од дожд, на планините од снег се очекуваат во вторник.