Македонија
(Видео) Заев: Откако сум премиер со Груевски сум немал комуникација
,,Со господинот Груевски откако сум премиер, веќе година и половина, немам контакти. Последните контакти ги имавме кога парламентот беше заробен во онаа бесконечна дискусија пред да се случат немилите настани од 27 април. Разговаравме за можностите како да се одблокира процесот”, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања при работната посетата на Струмица.
Одговорите на сите, ви ги пренесуваме во целост:
Пратениците од независната пратеничка група (на ВМРО-ДПМНЕ, н/з.), најавија дека е можно да не го дадат својот глас за уставните промени.
Заев: Веројатно да, мала ни е земјата, поврзано ни е општеството, правниот систем влијае на политичкиот, политичкиот на правниот, кога се носат одредени одлуки, но тоа не значи дека секој не треба да ја гледа својата работа.
Знаете дека имаше поддршка од 8 пратеници на опозицијата за да се отворат уставните промени и тие уште тогаш рекоа дека даваат шанса да почне процесот на промени на Уставот. Следува фазата за која е потребно обично, или, просто мнозинство, а некаде во јануари идната година повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство.
Јас на овој процес во парламентот гледам како на политички дијалог, и гледам како преку инклузивни процеси да го зголемиме мнозинството. Жалам што пратениците велат дека тоа влијае на нив, но се надевам дека сите ќе останат на своите ставови. Како што тече процесот за нацрт амандманите, така расте и инклузивноста и јас се надевам дека после 1 декември, на пленарна сесија, ќе потврдиме амандмани за кои уште еднаш ќе потврдиме сериозна вграденост на опозицијата, од нивните дискусии и предлози во самите нацрт амандмани. Тоа за мене ќе значи потврдување на двотретинското мнозинство, па дури и негово зголемување. Тоа е мојата надеж.
Она што исто така сакам недвосмислено да го истакнам како порака, е дека правото и правната држава, и владеењето на правото се императив во Република Македонија и не треба да има никакво мешање во правосудството. Понекогаш одлуките на правосудните органи, јавното обвинителство, СЈО и судовите, гледајќи ја својата работа влијаат на политичкиот процес, но јас верувам дека сите ќе се носиме со одговорноста што ја имаме.
Пред сѐ ние политичарите, вклучувајќи ги и оние во парламентот. Пред нас е неповратен процес, процес кој ни дава шанса којашто не треба да се пропушти, и верувам дека Македонија ќе изнајде сила сите процеси да течат без да направат штета еден на друг до исполнување на конечната цел. Во парламентот тоа усвојувањето на уставните амандмани за членство во НАТО и ЕУ, а во правосудството тоа е владеењето на правото, независноста на судството, и одговорноста на секој што се огрешил пред законот.
Дали после апсењето на Мијалков разговаравте со 8-те пратеници?
Заев: Со некои од нив воспоставивме контакт. Разговаравме, но пред сѐ во духот на дебатата во парламентот. Идната седмица во Собранието на РМ ќе се случи пленарна дебата како сублимат на работата во Комисијата за уставни прашања, а потоа и пленарна на 1 декември после која што ќе следува јавната расправа со граѓаните, со експерти, со МАНУ, со граѓанските организации. Низ тој процес ќе се дознае во која мерка опстојува двотретинското мнозинство.
Дали е вистина дека унгарски разузнавачи и дипломати помогнале да избега осуденикот Груевски од земјата?
Заев: Сите видовме, па дури и самите земји потврдија дека со дипломатски возила на Унгарија, придружуван со унгарски дипломати, му било помогнато да стигне до Будимпешта. Тоа е повеќе од јасно. Јас верувам дека истрагата ќе ги отвори сите детали. Жалам што МВР сѐ уште не може да излезе додеталната информација, но сепак, почитуваат тие, почитувам и јас, дека Јавното обвинителство води детална истрага и дека додека трае истрагата не можат да ги споделат сите детали. Тоа што е возможно, досега се соопштува во јавноста, а тоа што претставува ризик да влијае врз квалитетот на истрагата треба да се испочитува.
Јас сум информиран. Знам досега до каде се стигнати работите од МВР и верувам дека многу бргу истрагата ќе заврши и ќе можат да бидат споделени сите што се случувало во Република Македонија. Знаеме што се случувало во Албанија, во Црна Гора, во Србија и во Унгарија. Останува прашањето како го дозволиле тоа 4 земји, наши пријатели, од нив три земји членки на НАТО, во кои владее правото, во наводници кажувам, дозволиле тоа да се случи. Но, затоа е истрагата која што треба да заврши за да се споделат информациите со јавноста.
Дали тоа значи дека унгарските разузнавачи од Македонија помагале Груевски да избега кон Албанија?
Заев: Тоа е тој дел од истрагата кој што треба да заврши за да биде соопштен и од истражните органи и од МВР.
Денеска излезе информација во медиумите дека Груевски непосредно пред да ја напушти државата последен со кој што се слушнал сте биле токму вие?
Заев: Таман работа. Ќе испадне дека ние заедно тоа сме го договарале. Со господинот Груевски откако сум премиер, веќе година и половина, немам контакти. Последните контакти ги имавме кога парламентот беше заробен во онаа бесконечна дискусија пред да се случат немилите настани од 27 април. Разговаравме за можностите како да се одблокира процесот. Јасно е дека двотретинското мнозинство постојат за да на ја мачиме Македонија, ниту македонските институции. Тогаш беа последните разговори. Јас тоа го демантирав на медиумот што објави такви информации. Тие го нотираа демантот, но благодарам на прашањето, и уште еднаш да ја искористам приликата да соопштам дека откако сум премиер со господинот Груевски немам никаква комуникација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

