Македонија
Заев понуди предвремени избори во октомври идната година, за ВМРО-ДПМНЕ предлогот е разумен
Премиерот Зоран Заев денеска во Куманово изјави дека ако опозицијата сака предвремени избори, тие можат да бидат одржани во октомври 2020 година. Премиерот посочи дека е охрабрен од вчерашните преговори на работните групи за Законот за јавно обвинителство.
„Паралелните пораки кои стигаат од страна од високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ дека џабе е што работат работните групи кога на крајот нема да има гласање ако нема предвремени избори, нас нема да нè обесхрабри да продолжиме да работиме да ги приближиме ставовите преку работните групи“, изјави премиерот.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека терминот што го понудил Заев се чини како разумна основа за разговори со власта.
„Под притисок на скандалите што ја тресат власта на Зоран Заев тие го прифаќаат она што го бара опозицијата, а тоа е предвремени парламентарни избори. Во однос на терминот што го посочува Заев како октомври догодина, се чини дека е разумна основа, добра основа за разговор со власта на таа тема“, рече портпаролот, Наум Стоилковски.
На новинарско прашање дали договорот за избори е врзан со договор за законот, односно дали се условени едното со другото, Стоилковски кусо изјави дека тоа што се посочувало досега, а и сега, е дека лидерска средба е невозможна без темата предвремени парламентарни избори да бидат дел или точка на тие разговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Снег и заладување низ земјава, од следната седмица утрински температури под -10
Утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер (над 60км/ч.). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег.
Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20, а во останатите места од 5 до 10 сантиметри. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица наместа утринските температури ќе се спуштат и под -10 степени, а дневните ќе се задржат под нулата.
Во Скопје, утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
(Видео) Филипче: Техничката влада е единствената гаранција за чесни избори
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со медиумите уште еднаш порача дека средба со криминалци нема да има и дека техничката влада мора да остане, затоа што, таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес.
Филипче нагласи дека на Мицкоски „му се брза“ и дека „се бара алиби за распишување избори, не му треба дијалог, туку покритие.“
Во аргументацијата зошто техничката влада мора да остане, Филипче посочи дека таа може да се укине „само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние тоа сега во овој момент не сме.“
Причината, е што „оваа власт агресивно ги стави канџите на сите институции и ги злоупотребува во свои политички цели.“
„Не смее да се укине техничката влада, затоа што е тоа само светлина, единствена можност за честни и фер избори. Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на пандорината кутија.“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ Филипче наведе дека се гледа „окупирање на правосудниот систем“ и дека „воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет и се носат измени на кривичниот закон кои што одговараат само на власта“, нагласувајќи дека „тоа не се прави случајно, се прави за да се заштити криминалот и корупцијата.“
Како дополнителен аргумент за потребата од техничка влада, Филипче посочи и конкретни примери.
„Во земјоделството видовме што се случи со ИПАРД 3, директор кој е поставен од ВМРО беше уапсен за корупција и проневера на европските пари. Тоа е една причина зошто мора да има техничка влада.“
Тој предупреди и на опасностите од партизација и злоупотреба на полицијата.
„Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата“ и дека „со Законот за полиција се оди кон целосна партизација на МВР“, при што „секој разговор за укинување на техничката влада не е само неодговорен, туку и опасен по демократијата и процесите во земјата.“
Филипче потенцираше дека „само техничка влада, која има присуство на опозицијата во владата, може да гарантира фер и демократски изборен циклус“ и дека е потребна и како институционална рамнотежа: „Техничката влада ќе гарантира некаков институционален баланс.“
Во делот за дигиталниот надзор, Филипче предупреди на ризиците од нерегулираните системи.
„Легализација на масовен надзор, преку системот Safe City, со 65 илјади камери, овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните“, и нагласи дека „технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби“ за следење на граѓаните или опозицијата за време на кампањата.
СДСМ останува на ставот дека техничката влада е неопходна како последна институционална брана за демократски избори и заштита од злоупотреба на државните институции, затоа што, како што порача Филипче, таа не е само „техничко тело“, туку „институционално вето против воспоставување на авторитарен режим.“
Македонија
Во тек е исплатата на посебен додаток, туѓа нега и попреченост
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во тек е исплатата на следните социјални права: посебен додаток, парична помош за попреченост и туѓа нега за месец декември 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство. Истите, денеска можат да ги подигнат средствата во сите отворени филијали и експозитури на банките.

