Македонија
Премиерот ќе биде покровител на одбележување на 70 години од Институтот за национална историја
Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска примил делегација на Институтот за национална историја (ИНИ), предводена од директорот Д-р Драги Ѓоргиев, кој воедно е и дописен член на МАНУ, соопшти владината прес-служба.
Делегацијата на ИНИ, во чиј состав биле и проф. Д-р Марија Пандевска, и проф. Д-р Љубица Јанчева, членови на Советот на ИНИ, го информирале премиерот за подготовките на прославата по повод 70 годишнината од основањето на оваа угледна научна установа.
Претставниците на ИНИ, како што соопшти Владата, го поканиле Заев да биде покровител на годишнината со оглед на фактот што оваа научна установа е основана од Владата на Народна Република Македонија во 1948 година, како прва научна установа во историјата на македонската држава.
„Премиерот Заев се заблагодари за укажаната чест, ја прифати поканата, и ги охрабри научните работници од ИНИ во реализацијата на меѓународниот научен симпозиум, на кој ќе учествуваат голем број истакнати историчари и други научни работници од регионот, Европа и светот“, соопшти Владата.
Гостите од ИНИ, во рамки на средбата, го информирале претседателот дека програмата за одбележување на оваа значајна годишнина ќе започне на есен со серија настани и со промоција на 17 нови научни дела произлезени од проектите на ИНИ од минатата година, а завршниот дел од програмата, со свечена академија и со меѓународен научен симпозиум на тема „Балканската историографија и современите предизвици“, ќе се одржи во ноември оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО: Предложен притвор за дилер на хероин
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 19 јануари, на наплатната станица Петровец, како сопатник во автомобил со кавадаречки регистарски ознаки, неовластено заради продажба држел околу 10 грама хероин.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, влијание врз сведоци и можности повторно да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, соопшти обвинителството.
Македонија
Минчев-Зомер: во фокусот професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија, Кристоф Зомер.
На средбата беше изразено заемно задоволство од досегашната соработка и беше потенцирана подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување, особено во областа на реформата на јавната администрација, која претставува еден од клучните приоритети на Владата. Во тој контекст, беше нагласена важноста од добро управување, професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните.
Посебен акцент беше ставен на можностите за соработка во развојот на системи за обука, задржување и мотивирање на кадарот, како и унапредување на услугите ориентирани кон граѓаните.
Во рамките на средбата, Швајцарија беше препознаена како партнер со значајна експертиза во областа на добро управување, институционално јакнење и развој на одржливи модели за стручно усовршување, вклучително и преку дигитални и хибридни решенија за обука, при што беше изразен интерес за истражување на можностите за соработка во рамките на Swiss Cooperation Programme – Good Governance.
Министерот Минчев нагласи дека партнерството со Швајцарската Конфедерација претставува значајна поддршка за реформските процеси.
„Реформата на јавната администрација е темел на ефикасна, професионална и граѓански ориентирана држава. Швајцарија ја гледаме како исклучително важен партнер, од кој можеме да црпиме знаење, искуство и добри практики во насока на јакнење на институциите и подобрување на јавните услуги“, истакна Минчев.
На крајот од средбата, соговорниците ја потврдија заедничката определба за продлабочување на соработката и конкретизирање на идни заеднички активности во согласност со приоритетите на реформата на јавната администрација.
Македонија
Муцунски утре во Истанбул: ќе учествува на вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, на покана на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, ќе учествува на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој ќе се одржи во Истанбул. На состанокот е предвидено учество на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Балканската платформа за мир е иницијатива покрената од министерот Фидан во 2025 година, со цел да придонесе за регионалниот мир, стабилност и благосостојба, преку заеднички пристап во изнаоѓање регионални решенија за регионалните прашања. Првиот министерски состанок во рамки на оваа иницијатива се одржа во јули минатата година, исто така во Истанбул.
Муцунски ќе се обрати на состанокот, при што се очекува да ги адресира клучните прашања поврзани со регионалната соработка и заложбите за побрза интеграција во Европската Унија, со акцент на економскиот развој, транспортната поврзаност, енергетиката, дигитализацијата, како и образованието и младите.
На маргините на состанокот е предвидено министерот Муцунски да оствари и одвоена билатерална средба со министерот Фидан, на која, покрај прашањата од доменот на билатералната соработка, ќе се разговара и за регионалните состојби и актуелните глобални предизвици.

