Македонија
Заев: Работата на Комисијата за соработка со Русија е добра основа за оптимизам
Новата динамика на работата на Меѓувладината комисија за соработка меѓу Северна Македонија и Руската Федерација е добра основа за оптимизам за продлабочување на односите, изјави премиерот Зоран Заев, кој денеска се обрати на бизнис-форумот посветен на соработката меѓу претставниците на деловните заедници од нашата земја и од Русија.
На форумот, на кој, покрај бизнисмени од Русија, учествува и заменик-министерот за индустрија и трговија на Руската Федерација, Алексеј Груздев, кој истовремено ќе претседава со руската делегација, која денеска и утре ќе учествува на 9-тата сесија на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Македонија и Руската Федерација.
Во своето обраќање премиерот Заев нагласи дека односите меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација се традиционално пријателски и ги карактеризира позитивен дух, но и одреден неискористен потенцијал, кој треба да биде одредница за тоа во кој правец би требало да се движат односите во економската соработка во иднина.
„Во таа насока особено радува фактот дека во дијалогот во Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација од оваа година е внесена нова динамика. Тоа е добра основа за оправдан оптимизам за продлабочување на соработката“, истакна премиерот Заев и додаде дека како поткрепа на овој оптимизам е и фактот дека двете страни во Комисијата се договориле, освен досегашните области за соработка во енергетиката, транспортот и земјоделството, соработката да се прошири и во други области, како и да се формираат посебни работни групи за сите области, што најавува многу конкретна работа и ефикасно донесување одлуки од интерес на двете земји и на нашите граѓани.
Премиерот Заев во обраќањето на македонско-рускиот бизнис-форум, на кој Владата на Северна Македонија ја претставуваат и заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, потенцира дека извозот на стоки од Република Северна Македонија во Руската Федерација може да биде многу поголем, и тоа, заедно со застојот на директните странски инвестиции од Руската Федерација во нашата земја, сосема природно укажува на насоките каде треба да се развива соработката меѓу двете земји.
„Ќе издвојам една од областите што нудат нови можности за соработка – енергетиката. Посебни потенцијали во оваа област се отвораат со изградбата на примарната инфраструктура за гасификација по што следуваат можности за инвестирање и партнерство во проектирањето и изградбата на дистрибутивниот систем на природен гас на целата територија на нашата земја“, истакна премиерот Заев и додаде дека огромни се потенцијалите што лежат во туризмот и во земјоделството, како и традиционалните добрата соработка во културата и образованието.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во своето обраќање истакна дека економската соработка почнува со човечката релација и со запознавањето на стопанствениците меѓу себе на бизнис-конференции каква што е оваа денеска во Скопје. Тој посочи дека особено малите држави, како што е Република Северна Македонија, мора да бидат економски отворени кон светот ако сакаат да просперираат.
„Апелирам до сите стопанственици во нашата држава да препознаат дека Русија е голем пазар, кој може да апсорбира нови производи и да воспостават колку што може повеќе комуникација и денешниот ден да го искористат за зголемување на таквата можна соработка. Денеска имавме и билатерален состанок, на кој ја отворив темата да видиме како македонските производи да стигнат подиректно и побргу до рускиот пазар. Ние имаме земјоделство што може да произведе квалитетни производи во делот на овошјето и зеленчукот, но и во делот на преработувачките капацитети. Во таа смисла ги поканивме големите синџири маркети и трговци со земјоделски производи да отворат еден дистрибутивно-продажен центар на собирање земјоделски производи и ќе ги обезбедиме сите услови од наша страна доколку имаат интерес тоа да го направат. Тие тоа го зедоа како едно наше барање и се надевам дека таквата иницијатива ќе вроди со плод“, изјави Анѓушев.
Претседателот на македонскиот дел од Меѓувладината комисија за соработка меѓу Северна Македонија и Руската Федерација, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, истакна дека очекува денеска и утре во Охрид да се отворат нови насоки за натамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете земји по пет години стагнација во работата на Комисијата.
„Во периодот јануари-септември 2019 остварен е извоз на земјоделско-прехранбени производи во Руската Федерација во вредност од 21,8 милион долари наспроти 15,1 милиони долари истиот период 2018 година, што претставува зголемување од 44 отсто. Најголем дел од извозот отпаѓа на јаболката или 27,2 отсто, потоа праски, домати – свежи или разладени, цреши и тутун. Во делот на земјоделството овие позитивни показатели се резултат и на постојаната комуникација на македонските надлежни институции со надлежните служби од Руската Федерација. Агенцијата за храна и ветеринарството имаше интензивна соработка со руската „Росељхознадзор“ – Службата за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација. Очекувам нивната соработка да продолжи и во наредниот период со проширување на аранжманот на производи што се извезуваат во Руската Федерација, како и зголемување на бројот на објекти од Република Северна Македонија што ги исполнуваат неопходните гаранции за извоз“, рече тој во обраќањето на бизнис-форумот посветен на соработката меѓу претставниците на деловните заедници од нашата земја и Руската Федерација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

