Македонија
Заев се вклучи во акцијата за чистење на Дојран
Премиерот, Зоран Заев, придружуван од министерот за земјоделство Љупчо Николовски, заменикот министерот за животна средина, Јани Mакрадули и советникот на премиерот за животна средина Драган Јованов, денеска се придружија на градоначалникот и граѓаните на Дојран во акцијата за уредување на општината.
„Чест и задоволство ми е, денеска , од Дојран, еден од бисерите на македонската автентичност, да покажеме дека здружените граѓански акции придонесуваат за покревање на духот на заедништвото и за поубава Македонија. Дојран заслужува вакво внимание, посветеност од локалната самоуправа, од заедницата, но и од мене како премиер, заради населението кое живее тука, но и заради илјадниците туристи кои доаѓаат за одмор и релаксација во оваа прекрасна македонска општина“, рече Заев.
Тој додаде дека туристичките центри, каков што е Дојран, се лицето на Македонија пред туристите. „Навидум малите нешта како оваа акција денес, нè зближуваат како луѓе и нè прават единствени во грижата за локалната заедница. Овие се тие европски манири за кои зборуваме, ова значи да се донесе Европа тука, дома, во Македонија“, рече Заев.
Тој ги повика сите општини, сите локални самоуправи, почесто да организираат вакви конкретни акции кои, како што рече, значат директна помош за подобар живот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Средба Хоџа-Ќехаја: Екологија и регионален развој во фокус
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, на која се разговараше за актуелната состојба и перспективите на билатералната соработка во областа на животната средина и просторното планирање.
За време на средбата, министерот Хоџа и амбасадорот Ќехаја ги оценија пријателските односи и одличната соработка меѓу двете земји, истакнувајќи ја важноста на постојните документи и заеднички иницијативи, вклучувајќи го Меморандумот за разбирање од 2012 година за соработка во областа на животната средина, Договорот за економска соработка, како и регионалната иницијатива „Заедничка визија за Шар Планина“, која има за цел заштита и одржлив развој на прекуграничните заштитени подрачја.
Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка, како и на значајните инфраструктурни и економски проекти кои придонесуваат за зајакнување на врските меѓу двете земји.
На средбата, се изрази заеднички интерес за интензивирање на соработката во наредниот период, вклучувајќи и ревидирање на постојниот Меморандум, меѓу двете држави.
Хоџа и Ќехаја ја реафирмираа посветеноста за зајакнување на билатералната и регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина и зачувувањето на природното наследство.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.

