Македонија
Заев се сретна со оштетените од „Еуростандард банка“: Ќе направиме сè што е во наша моќ, но мораме да ја почитуваме законската рамка
Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот Фатмир Битиќи, се сретна со претставниците на Здружението на оштетени граѓани од „Еуростандард банка“.
На средбата претставниците на оштетените штедачи ги предочија проблемите со коишто се соочуваат физичките и правните лица по пропаѓањето на „Еуростандард банка“ и понудија предлози за можни решенија.
Премиерот Заев ги сослуша нивните барања и истакна дека Владата има силна волја да им излезе во пресрет на оштетените граѓани и дека тоа ќе се направи согласно постоечката законска рамка. Тој предочи дека Народната банка навремено реагирала и презела сè што е во нејзина надлежност во однос на нерегуларностите во работењето на „Еуростандард банка“.
„За нас како Влада првенствен е вашиот интерес како оштетени граѓани, во смисла да обезбедиме соодветни услови за ваше обесштетување. Тоа што е во наша моќ, ние ќе го направиме, но мораме да ја почитуваме законската рамка. Законската рамка и правилата се јасни и тие не предвидуваат државата директно да се инволвира преку исплаќања од буџетот. Тоа не смееме да си го дозволиме затоа што тоа е спротивно на законите“, истакна премиерот Заев на средбата.
Тој додаде дека се покренати кривични пријави и други мерки што се во надлежност на Јавното обвинителство и ги увери претставниците на оштетените граѓани дека нивните предлози и сугестии ќе бидат следени од страна на институциите и дека ќе бидат преземени сите потребни мерки за нивно обесштетување согласно законот и стечајната постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

