Македонија
Заев се сретна со претседателката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова
Претседателот на Владата, Зоран Заев, во рамките на агендата на денешната работна посета на Република Бугарија се сретна и со претседателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова.
На средбата Заев и Нинова се согласија дека преговорите на Северна Македонија со Европската Унија мора да почнат што е можно побргу и дека секоја поддршка во оваа насока е од исклучителна важност.
Премиерот Заев и вицепремиерот Димитров за време на разговорот потенцираа дека влогот за остварување на оваа цел е голем и македонската владина делегација е во Софија со искрени и чесни намери да се направи заеднички исчекор кон решение за што постојат сериозни услови тоа да се обезбеди во периодот што претстои.
Нинова го поздрави активниот и искрен пристап на премиерот Заев со цел да се обезбеди исчекор кон решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и дека тоа е од суштинска важност за стабилноста на регионот Западен Балкан.
Заев и Нинова на средбата се согласија дека Северна Македонија и Бугарија имаат и желба и капацитети за европско лидерство во однос на изнаоѓање заедничко прифатливо решение за отворените прашања и дека во таа насока од огромна помош може да бидат и заедничките вредности на БСП и СДСМ како сестрински партии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Доказот дека Заев се уште ги држи конците во СДС е поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на Филипче, сите тројца летото го поминаа на скапата јахта на Заев
Доказот дека Заев се уште ги држи конците во СДС, е поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на Филипче, сите тројца летото го поминаа на скапата јахта на Заев, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче како верен послушник на Заев, го прави тоа што неговиот ментор ќе му го заповеда.
Поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на СДС од страна на Филипче, е еклатантен пример за тоа дека Зоран Заев се уште ја води партијата во сенка.
Да се потсетиме, овие тројца заедно ги поминаа летните денови на скапите плажи во Грција, на скапата јахта на Зоран Заев, уживајќи во парите кои Заев и Филипче ги испокрадоа од државата со што ги осиромашија граѓаните, кои преживуваа со едвај 150 денари на ден“.
Венко Филипче, додава Манасиевски, не го интересира напредокот на СДС, затоа и го поставува Александар Трајановски за потпретседател на партијата, човек кој ги загуби изборите во Аеродром токму како нивен кандидат.
„Во недостиг на вистински кадри и луѓе кои и мислат добро на СДС, Филипче става луѓе кои се блиски до него и Зоран Заев. Реформите кои ги најави Филипче во СДС, мора да почнат со неговата оставка. Срамно е до каде ја доведе некогаш големата СДС“.
Македонија
Јанев од ОАЕ: Ја зацврстуваме и продлабочуваме соработката меѓу македонската и полицијата на ОАЕ
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, престојува во официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, во рамки на која оствари билатерални средби со шефовите на полиции и високи полициски претставници од Абу Даби и Дубаи.
На средбите директорот Јанев ја истакна важноста од продлабочување на полициската соработка и размена на искуства во области каде полицијата во ОАЕ постигнува иновативни резултати во справувањето со безбедносните предизвици и гарантирањето на јавната безбедност.
Акцентот беше ставен на технолошкиот развој, дигитализацијата на полициското постапување и примената на вештачка интелигенција за унапредување на ефикасноста во секојдневните полициски операции.

„Имав можност да ја посетам „паметната полициска станица“, пример за современи ИТ решенија што ја зголемуваат транспарентноста и оптимизацијата на човечките ресурси. Со колегите од ОАЕ договоривме воспоставување директни контакт точки за соработка во разни криминални области, меѓу кои и бегалци од правда кои се наоѓаат на територијата на ОАЕ, а колегите од ОАЕ се подготвени да дадат придонес од нивното искуство во имплементација на дигитализацијата во македонската полиција, како и да отпочнеме проекти и активности поврзани со крипто и финансиски измами, организиран криминал, недозволена трговија и Е-криминал, а разговаравме и за идна размена на полициски службеници за обуки и едукации“, истакна Јанев.
Во рамки на посетата, Јанев оствари и средба со претседателот на ИНТЕРПОЛ, Ахмед Насер Ал Раиси, со кого беше разговарано за унапредување на меѓународната полициска соработка и активното учество на македонската полиција во оперативните задачи на ИНТЕРПОЛ, со акцент на важноста од вклучување во оперативните задачи на Генералниот секретаријат во лоцирање и лишување од слобода на бегалците од правдата и активностите поврзани со претстојните избори во рамки на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, за управувачките тела на Организацијата.
„Несомнено дека односите меѓу македонската и полицијата на ОАЕ се зацврстуваат и продлабочуваат, особено во делот на превенцијата, дигиталните технологии и едукацијата на човечките ресурси“, рече Јанев заклучувајќи дека оваа посета претставува нов поттик за продлабочување на партнерството и заедничкиот ангажман во градењето поцврсти темели за посовремена, поефикасна и побезбедна полициска служба во интерес на сите граѓани.
За време на посетата на Обединетите Арапски Емирати, директорот на Бирото за јавна безбедност ја посети и македонската амбасада во Абу Даби.
Македонија
Нов препумпер уред за фекална канализација во населба Илинден
Во рамки на активностите за подобрување на комуналната инфраструктура во општина Илинден се реализираат градежните работи за поставување и монтажа на препумпен уред во населено место Илинден.
Овој препумпен уред се поставува во најнискиот дел на н.м. Илинден и ќе ги зафати водите од фекална канализација на улица „19“ и припадните краци кои се наоѓаат на оваа улица. Препумпниот уред ќе претставува собирно место од повеќе улици од кои дел веќе имаат фекална канализација, но и улици каде во наредниот период ќе се работи на изградба на фекална канализација, извести општина Илинден.

„Увид на градежните работи на терен направи градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој истакна дека отпадните фекални води од овој препумпен уред ќе се препумпуваат во веќе изградената пречистителна станица во населба Илинден и истите ќе се пречистуваат во станицата.
На овој начин се овозможува комплетно зафаќање одведување и прочистување на отпадните фекални води што претставува наша приоритетна заложба во насока на обезбедување квалитетни услови за живот на нашите граѓани како и подобрување и унапредување на животната средина“, се додава во соопштението на општина Илинден.

