Македонија
Заев: Следните парламентарни избори ќе се одржат во 2024 година, нема да има предвремени

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека предвремени парламентарни избори нема да има и дека следните ќе се одржат во 2024 година.
„Тесното мнозинство ја држи Владата будна. Сметам дека време е да одработиме до крај, така што следните парламентарни избори би биле во 2024 година“, одговори премиерот Заев на прашањето дали со локалните се можни и предвремени парламентарни избори во интервју во дневникот на јавниот сервис.
„По сериозни процеси, како што беа уставните измени, новата методологија на ЕУ, ние излеговме на избори за да провериме дали имаме поддршка од граѓаните, дали одиме по добар пат. Граѓаните одлучија дека сме на добар пат и тоа е доволно, имаме мандат 4 години. Северна Македонија страда од предвремени избори. Еднаш треба да одработиме цел мандат за да ги видиме резултатите од Владата со мандат од 4 години. Предвремени избори имаат влијание врз економијата, тоа значи заостанување. А сите тие договори од Преспа, со Бугарија, се за економијата, за работни места и избор, повисок БДП, Европа да ја донесеме дома“, потенцира Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Скандалозно, според Тошковски дивоградбите ќе се уриваат само ако се опасни по живот“, велат од СДСМ

„Скандалозна е изјавата на министерот Панче Тошковски дека дивоградбите кои се повеќе од 150 во Чаир ќе се урвале „ако се опасни по живот“. Што сака да каже Тошковски, дека дивоградбите кои неговите институции ќе ги утврдат како неопасни по живот може слободно да продолжат да се градат“, прашува СДСМ.
„Откако со месеци не постапуваше при чист и очигледен криминал и молчеше, сега конечно Тошковски најде начин како да го одбрани нелегалниот бизнис на неговите коалициски партнери па ги подели дивоградбите на опасни и неопасни.
Вакво релативизирање и одбрана на криминалот може да се нарече слободно историски како што милува неговиот шеф Мицкоски.
Со оваа изјава, Тошковски всушност призна дека законот не важи подеднакво за сите. Наместо да покаже дека државата има ред и закон, тој сега конечно најде изговор за да ги спаси тие што му се политички блиски.
Дивоградбите се симбол на беззаконие, на корупција и на договори под маса. Со вакви ставови, Тошковски испраќа порака дека криминалците може мирно да спијат. Тој е тука да најде начин како да ги заштити. Тоа е навредливо за сите чесни граѓани кои плаќаат даноци и чекаат дозволи за градба“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Министерот Меџити со нова набавка за Русино – инвестиција од над 1,1 милион евра

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска го потпиша договорот за набавка на специјална механизација за потребите на регионалната депонија Русино, во рамки на Регионалниот проект за управување со цврст отпад.
Со договорот, во вкупна вредност од 1 142 200 евра, ќе се набави комплетна механизација неопходна за модерно и безбедно управување со отпадот – вклучувајќи компактор, товарач, трактор со приколка за вода, камион и резервни делови. Набавката доаѓа како директен одговор на барањето што беше упатено до министерот Меџити за време на неговата неодамнешна теренска посета на депонијата Русино, при што тој веднаш се заложи да се одговори на потребите со конкретна поддршка.
Финансирањето е обезбедено преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со дополнителна поддршка од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Шведската влада преку СИДА (SIDA).
„Оваа набавка претставува важен чекор за воспоставување на функционален, регионален систем за управување со отпадот во Полошкиот регион. Благодарни сме за поддршката од нашите меѓународни партнери, кои со години се наш сојузник во напорите за унапредување на еколошките стандарди“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање и прв заменик на претседателот на Владата, Изет Меџити.
Со обезбедувањето на оваа механизација, депонијата Русино ќе може да функционира по еколошки стандарди, со што значително ќе се подобрат условите за животна средина и здравјето на граѓаните во регионот.
Македонија
Средба Мисајловски – Пирс во Лондон: македонско-британската соработка во одбрана на највисоко ниво, придонесот кон регионалната безбедност прв приоритет

Македонскиот министер за одбрана Владо Мисајловски кој е во работна посета на Обединетото Кралство, утрово се сретна со специјалната претставничка за Западен Балкан, дама Карен Пирс со која разговараше за стабилноста и безбедноста на регионот, геополитичките предизвици и развојот на одбранбената соработка помеѓу двете сојузнички земји.
„Обединетото Кралство го сметаме за еден од најсилните и најважните сојузници во Алијансата. Нашата одбранбена соработка е исклучително силна и видлива, особено преку големиот број заеднички активности и британската поддршка во развојот на одбраната и Армијата“, рече министерот.
Мисајловски се осврна и на регионалната безбедност, за која рече дека е „исклучително важна во време на сериозни геополитички предизвици“, потврдувајќи дека македонската Армија ќе продолжи да дава свој придонес во мисијата на НАТО на Косово, КФОР. „Како еден од столбовите на регионалната сигурност, остануваме целосно посветени на учеството на Армијата во оваа мисија“, потврди тој.
Во рамки на посетата, министерот Мисајловски заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински остварија средба и со парламентарниот државен потсекретар и министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија на Обединетото Кралство, Гарет Томас со кого разговараа за можната идна соработка во доменот на наменското производство, имајќи ја предвид заедничката декларација од Самитот на НАТО во Хаг, каде сојузниците се обврзуваат да ја зајакнат соработката во доменот на одбранбената индустрија и развојот на нови и напредни технологии.
Во поддршка на оваа цел министерот Мисајловски оствари средби со повеќе владини органи во Агенцијата за извоз и финансирање на Владата на Обединетото Кралство кои работат на полето на сајбер безбедноста, финансирање и поддршка на проекти, развој на нови и напредни технологии во делот на одбранбената индустрија и во делот на набавките.