Македонија
Заев: Стручните кадри ќе бидат добредојдени во компаниите кои сè повеќе инвестираат во нашата земја
Подобрување на имиџот и репутацијата на стручното образование и занимања во јавноста, а истовремено да ги мотивира граѓаните, особено младите, да градат кариера во стручните занимања, е целта на новата информативно-едукативна кампања финансирана од Амбасадата на Швајцарија во земјата, Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД, Фондот за иновации и технолошки развој и Програмата за развој на Обединетите нации, со поддршка од Меѓународна организација на трудот, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Владата на Република Северна Македонија.
На настанот за почнување на кампањата за промоција на стручно образование и занимања преку панел-дискусија се обратија претседателот на Владата, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада, и директорот на УСАИД во РСМ, Ерик Јановски.
Во своето обраќање премиерот Заев рече дека инвестирањето во иновациите и информатичката технологија овозможува обезбедување стручен и компетентен кадар, кој се остварува преку квалитетен образовен систем, на чија реформа Владата сериозно е посветена.
„Нашите мерки и политики, како што е планот за економски раст, финансиската поддршка за стартап-компании и другите, се поттик за младите луѓе да се охрабрат и своите идеи да ги претворат во успешни бизниси. Овие квалитетно квалификувани кадри ќе бидат добредојдени во компаниите кои сè повеќе инвестираат во нашата земја, а кои поради развиената технологија, бараат стручност и компетентност во одредените индустриски гранки. Ние, со поддршка на нашите пријателски земји, преку кои запознавме искуства од примената на дуалното стручно образование, го почнавме процесот на имплементирање со воведување експериментални паралелки во пет општини, каде што учениците се стекнуваат со практични вештини директно во компаниите во кои ќе може и да се вработат кога ќе го завршат образованието“, истакна премиерот Заев.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, рече дека Владата прави голем напор за отворање квалитетни работни места, а од друга страна, и за подготовка на младите за пазарот на труд.
„Наша задача е да ги насочиме, да им ги отвориме вратите и да им покажеме дека е можно да се успее. Донесовме и нов закон за практиканство, кој се покажува дека помага во премостување на периодот од образование кон вработување. Ова решение беше одлично прифатено од сите бидејќи е од корист и за младите и за компаниите. Младите имаат можност да стекнат практична работа во компаниите во траење од шест месеци и за тоа да бидат платени, а работодавците да препознаат квалитети кадри, кои трајно ќе ги вработат. Во првите три месеци им следува надоместок од 5.000 денари, а во вторите во висина на минималната плата“, изјави Царовска.
Министерот за образование и наука, Арбeр Адеми, истакна дека има поддршка од Министерството за имплементацијата на концептот на дуално образование, со кој се овозможува учење преку работа, односно повеќе пракса за учениците.
„На овој начин работиме на унапредување на образовниот систем да биде способен да продуцира знаење и вештини што им се релевантни и потребни на индустријата и на современата дигитална економија преку имплементација на најдобрите светски искуства во овој сегмент“, рече Адеми.
Кампањата треба да влијае мотивирачки и на образовните, државните институции, бизнисот и граѓанскиот сектор, да работат уште поинтензивно во поддршката на ваквиот вид едукација и во создавање поголеми можности за усовршување и кариерен развој за оние што ќе ги изберат стручните занимања.
„Нашата интервенција во Северна Македонија е поврзана со еден од клучните елементи на швајцарскиот систем – силниот ангажман и големата вклученост на приватниот сектор во стручното образование и обука. Само на овој начин младите лица што завршуваат стручно образование во Северна Македонија може да стекнат вештини кои се барани од страна на компаниите“, истакна амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер.
Кампањата за промоција на стручното образование ќе се одвива до мај 2020 година и ќе се реализира преку разни комуникациски алатки вклучувајќи видеопораки, кои ќе се споделуваат на традиционалните медиуми и на социјалните мрежи. Заинтересираните исто така ќе може да се информираат за сите аспекти преку веб-страница zanimanja.mk создадена со помош на Меѓународната организација на трудот, во соработка со МТСП и надградена за потребите на кампањата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

