Македонија
Заев тврди дека идентитетот е заштитен, за Ѓорчев договорот со Грција е асиметричен
Во Собранието денеска продолжи расправата на Комисијата за уставни прашања на чиј дневен ред е последниот, односно четвртиот предлог-амандман што произлезе од потребата за имплементација на договорот за името меѓу Скопје и Атина.
Премиерот Зоран Заев на расправата истакна дека со нацрт-амандманот се предлага обврската на земјава за заштита, гарантирање и негување на историското и културното наследство на македонскиот народ, како и заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство и унапредување на нивните врски со Македонија.
Тој заклучи дека идентитетот на македонскиот народ е заштитен и во овој дел нема да има никакви промени.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев во реплика му порача на Заев дека не ги зачувале црвените линии. Според него, договорот со Грција е асиметричен, со оглед на тоа што Грција не го менува Уставот.
Елизабета Канческа Милевска, како дел од независната пратеничка група рече дека Владата треба да се заложи да се постигне национален консензус за промената на Уставот. Таа порача дека не треба да се делиме на патриоти и предавници и неопходно е да се пронајде начин во државата да има подобар живот.
За збор се јавија и пратениците од албанските партии. Претникот Фадил Зендели од БЕСА рече мора да се најде начин да се гарантираат правата на Албанците, како Албанци од Македонија кога се во странство.
„Треба да има посебна формулација и за дисјаспората од другите заедници, а не само за македонската, рече Зендели, на што Заев му одговори дека Уставот потенцира оти државата води грижа за сите.
Според Сурија Рушити од Алијансата на Албанците државата ги дели граѓаните на сопственици и кираџии.Тој побара да се вметне одредба за заштита на културното и историското наследство на Албанците во земјава.
За дискусија се пријавени вкупно 12 пратеници. Претходните неколку дена во Собранието, на комисиката расправа поминаа трите нацрт-амандмани кои Владата пред околу една недела ги достави до Собранието.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на 1 декември ја закажа седницата за нацрт-амандманите на Уставот.
Според Деловникот, претресот во матичните комисии може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацртот на секој амандман одделно. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно. Во последната фаза од постапката за менување на Уставот, повторно е потребно двотретинско мнозинство. Според роковите, очекувањата се целиот процес на усвојување на уставните измени да заврши во втората половина на јануари 2019 година.
Измените на Уставот се очекува да стапат на сила откако грчкиот Парламент ќе го ратификува договорот помеѓу Македонија и Грција, како и откако Грција ќе го ратификува протоколот за пристап на Република Македонија во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

