Македонија
Заев-Хамачек: Силна препорака за отворање на поглавјата за преговори
Претседателот на Владата, Зоран Заев, прими владина делегација на Република Чешка предводена од првиот заменик-претседател на владата во Прага, Јан Хамачек. На средбата Заев нагласи дека македонската Влада е посветена на евро-атлантските реформски процеси, на развивањето на концептот едно општество за сите, на македонскиот модел на решавање на добрососедските односи за решавање на најделикатните прашања, како и во однос на придонесот на регионалната соработка меѓу земјите на Западен Балкан.
Чешка во јули оваа година го презема претседателството со вишеградската група на земјите членки на ЕУ од средна Европа и Република Северна Македонија е убедена дека и од таму ќе дојде поддршката за одлука за потврдување на датумот за отворање на поглавјата за преговори за оваа година. Силен импулс во таа насока ќе биде и ратификацијата на протоколот за пристапување во НАТО, кој чешкиот парламент го најави во текот на следните месеци.
„Како посветен партнер на нашата земја во однос на аспирациите за членство во ЕУ нашите две земји остануваат силно посветени на заедничко решавање на прашањата од особен интерес за Европската Унија, како што е, на пример, мигрантската криза. Силен доказ на оваа заедничка посветеност е вчера потпишаниот договор за донација вредна околу еден милион евра, која опфаќа повеќе безбедносни сегменти за техничко осовременување и доопремување на неколку организациони единици при МВР, со посебен акцент на миграциската проблематика“, рече Заев.
Премиерот Заев на средбата ја нагласи определбата на двете земји да го одржуваат и развиваат пријателскиот политички дијалог на највисоко ниво, како и да го поттикнат интензитетот на економската соработка.
Чешкиот вицепремиер Јан Хамачек на средбата со премиерот Заев ја истакна исклучително важната соработка на безбедносните сили на двете земји на границата и нагласи дека Република Чешка останува отворена за оваа соработка и во иднина, дури и кога контролата на границата заеднички ќе ја споделат полицијата на РСМ и европските здружени полициски сили „Фронтекс“.
Чешкиот вицепремиер ја истакна и соработката меѓу војниците на двете земји во мисијата на НАТО во Авганистан и нагласи дека досегашниот придонес на Република Северна Македонија во области од интерес на ЕУ, како и напредокот на внатрешните реформи, се силна препорака Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ да препорача Европскиот совет да ја потврди одлуката за отворање на поглавјата за преговори со Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

