Македонија
Заев: Може да станеме и економски пример ако продолжиме со ова темпо
Создадовме модел за решавање на политички прашања, но ако продолжиме со ова темпо може да станеме и економски пример, изјави премиерот Зоран Заев од трибината со граѓани во Куманово, насловена „Фер општество – шанса за сите“.
Пред граѓаните на Куманово, Заев посочи дека Република Северна Македонија е пример за останатите како преку договор и дијалог се решаваат крупни сложени проблеми. Земјата, како што рече премиерот, создаде модел како се зајакнуваат добрососедските односи.
„Договорот со Грција е совршен пример и неговата имплементација веќе ги носи првите резултати и сите ја чувствуваме рефлексијата. За помалку од 6 месеци од договорот, 2018 година ја завршивме со 624, 5 милиони странски инвестиции, што е за 4 пати поголема сума во споредба со 2017 година“, рече меѓу другото премиерот Заев.
Тој додаде дека од почетокот на работењето пред околу 21 месец, Владата е посветена на отворање на перспективите за земјата и за нејзините граѓани.
„Невработеноста во земјата е на историско најниско ниво и изнесува 19,4 отсто, што е намалување за 3,6% за само една година. Отворени се нови 26 600 работни места. Истовремено, исполнети се очекувањата на Владата, за раст на БДП во четвртиот квартал во 2018-та и тој изнесува 3,7%“. Платите и натаму растат. Иако очекувавме до крајот на 2020-та, верувам дека до крајот на оваа година просечната плата ќе достигне до 500-тини евра“, додаде премиерот Заев.
Ако продолжиме со овој тренд, нагласи премиерот Заев, освен политички пример, Република Северна Македонија ќе биде и економски пример.
На денешната трибина премиерот уште еднаш ги повтори мерките коишто ги донесе Владата, а коишто посочи дека придонеле за големи заштеди кај граѓаните, како што се евтината дневна тарифа за струја и укинувањето на радиодифузната такса.
Во своето обраќање пред присутните граѓани на трибината премиерот Заев посочи и дел од проектите коишто се важни за Куманово и Кумановскиот Регион, како замена и инсталација на куќни, комбинирани, индустриски и ултразвучни водомери и нивна интеграција во систем за далечинско отчитување во системот за водоснабдување на општина Куманово, во вредност 1.6 милиони евра, потоа проектот за употреба и одржување на дел од водоснабдителен систем на град Куманово, во вредност 747 илјади евра, како и изградба на пречистителна станица за вода за пиење за регионален водоснабдителен систем Липково.
Во насока на развој на тој регион, како што додаде премиерот Заев е насочувањето на 47 проценти повеќе пари за поддршка на бизнис секторот, со крајна цел отворање нови работни места и повисоки плати коишто ќе ги задржат младите.
„Сега немаме повеќе изговори, Република Северна Македонија може да биде достојно место за живеење. Создаваме услови, поради коишто сите ќе сакаат да останат тука“, заклучи премиерот Заев во своето воведно обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

