Македонија
(Видео) Заев ќе раководи со Министерството за финансии до изборот на нов министер

Премиерот Зоран Заев го истакна предлогот тој да биде и министер за финанасии, но сепак сака да раководи со Министерството до изборот на нов министер.
„Уставот и Законот за Владата дозволуваат премиерот да е и министер, но кога е отворена дилемата и дебатата во јавноста, треба да ги слушаме Државната комисија за спречување корупција и опозицијата и експертите во јавноста“, рече Заев и додаде дека овој предлог го трга од дневниот ред.
Се очекува досегашниот министер Драган Тевдовски да биде разрешен на денешната седница во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ер тракторите“ се на сервис, недостигаат пилоти и опрема – Ангелов верува дека ќе се справи со слабостите во ДЗС

Новоназначениот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, пред новинарите зборуваше за агонијата со којашто се соочува оваа институција во изминатите години, а покрај недостигот на пилоти и нефункционаноста на Ер тракторите, образложи дека се уште нема доволно потпишани договори со тимовите за брз одговор вклучително и со тимовите за гасење на пожар на отворен простор. Постои и недостиг на опрема, обука, физичка подготвеност, инспектори, но и сомнежи за исправноста на дозволите кои се издаваат од страна на Дирекцијата.
„Во моментов трите „ер трактори“ се на сервис, но кон почетокот на летото очекувам да бидат подготвени за гасење пожари“, рече Ангелов по преземањето на новата функција.
Тој верува дека заедно со оние кои ќе покажат амбиција, ќе ги надминат слабостите за побрзо ставање на ДЗС во полна функција.
Ангелов се осврна и на најавата за спојување на ДЗС и ЦУК во една институција. Како директор на ДЗС, вели, ќе може детално одвнатре да ја разгледа институцијата и внимателно да го проучи човечкиот и техничкиот потенцијал, дополнително да ги детектира и многубројните недостатоци за да бидат целосно отстранети во новата институција, на чие формирање се работи.
Прашан зошто досега се чекало за спојување на ДЗС и ЦУК во една, Ангелов рече дека системот на менаџирање со кризи е обемен и дека опфаќа повеќе институции и закони.
Ангелов, претходно му ја предаде функцијата директор на ЦУК на Мухамед Аљи, кој пак, доаѓа од редовите на Дирекцијата за заштита и спасување.
Македонија
Францускиот јазик ќе се изучува како изборен предмет во петто одделение во училиштата каде има интерес

Основните училишта од следната учебна година ќе имаат можност да го воведат францускиот јазик како изборен предмет во петто одделение, доколку кај учениците постои интерес за негово изучување. Ова е предвидено во анексот на меморандумот за соработка помеѓу Министерството за образование и наука и Француската амбасада, што денеска го потпишаа министерката Весна Јаневска и амбасадорот Кристоф Ле Риголер.
За министерката Јаневска продлабочувањето на соработката за поголема промоција на изучувањето на францускиот јазик и унапредување на наставата по француски во македонскиот образовен систем е потврда на пријателството помеѓу двете земји, кое продолжува да се развива.
„Го поддржуваме изучувањето на францускиот јазик, имајќи предвид дека тој е меѓу најкористените јазици во глобалниот свет, како и тоа дека сме Влада која поттикнува јазична различност. Придобивките од познавање на јазици различни од мајчиниот, се повеќекратни. Тоа овозможува да се градат мостови помеѓу народи и култури, а јазичните вештини во денешно време се и суштински фактор за успешен настап на пазарот на трудот, како што се и дигиталните вештини“, рече Јаневска.
Министерката додаде дека младите од Македонија кои ќе го совладаат францускиот јазик, преку комуникација ќе имаат можност и за поголема афирмација на македонскиот идентитет, јазик, историја и културно наследство.
За квалитетна и интересна наставата по француски јазик во петто одделение, Бирото за развој на образованието подготвува наставна програма за овој изборен предмет.
Македонија
Изнајмување електричен автомобил ќе чини 22 денара за километар и 5 денари за минута, Божиновска и Меџити направија сефте возење

Од денес во Скопје може да се изнајми електричен автомобил за 22 денари за километар додека вози и 5 денари за минута додека стои. Словенечката компанија „Авант кар“ ја донесе услугата во Скопје и за почеток стави на располагање 100 електрични автомобили за кои обезбеди посебни паркинзи.
Сефте возење денес промотивно направија министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за животна средина, Изет Меџити. Тие пред Владата дојдоа со одделни електрични автомобили, а ги пречека сопственикот на компанијата „Авант кар“, Матеј Чер.
„Се надевам и сигурен сум дека денес направивме мал чекор за одржлива иднина. Ќе бидат зафатени помалку паркинзи, ќе има помалку бучава во Скопје и секако без загадување, а она што е најбитно за сите граѓани е што таа одржлива мобилност ќе донесе корист, односно поевтин превоз и секако подобра средина за идните генерации. Се наплаќа од километар и од минута. Услугата е достапна и за сите фирми, јавни установи и слично“, рече Чер, чии очекувања се проектот да биде прифатен, да се прошири и во други македонски градови и за две-три години од сегашните 100 автомобили во земјата, да бидат донесени 1.000 електрични автомобили за изнајмување.
Министерот Меџити рече дека излегол да го промовира и поддржи проектот оти сите ќе имаат придобивки од него, како што се почист воздух, помала бучава, помалку сообраќај и поспокојна средина во градските јадра.
Министерката Божиновска очекува изнајмувањето електрични автомобили особено да ги привлече младите. Таа очекува да бидат одобрени паркинг-локации за електричните автомобили во близина на универзитетите, а во постапката на одобрување на локациите за паркирање повика да се вклучат повеќе градоначалници.
За изнајмување на електричните автомобили неопходна е апликација на мобилните телефони, која од денес им е достапна за заинтересираните.