Македонија
Заедничка декларација за четирите темелни слободи на ЕУ во земјите од Западен Балкан
Заедничка декларација на српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер, Еди Рама и македонскиот премиер, Зоран Заев, беше објавена денеска во Нови Сад за спроведување на четирите темелни слободи на ЕУ во земјите од регионот на Западен Балкан.
Во продолжение декларацијата во целост:
„Свесни за нашата одговорност за насочувањето на иднината на нашите земји, се залагаме за јакнење на мирот, еднаквоста, владеењето на правото и просперитет за сегашните и идните генерации во земјите од Југоисточна Европа.
Целосно земајќи ја предвид важноста на нашата заедничка перспектива за пристапување кон ЕУ и цврстата заложба за заемна поддршка, почитување и помош на нашиот пат кон ЕУ,
Ги повикуваме лидерите на сите шест земји од Регионот на Западниот Балкан да ни се придружат во овој потфат,
Изразувајќи подготвеност за јакнење на регионалната соработка, а со цел поттикнување на економскиот раст, намалување на невработеноста, борбата против нелегалната миграција, борба против транснационалниот организиран криминал, потоа со цел подобрување на социјалната благосостојба на нашите граѓани, како и со цел зголемување на обемот на трговијата, инвестициите и вработеноста во областа на шесте земји од Регионот на Западниот Балкан,
Во светлина на процесот за воспоставување на Регионалната економска област (РЕО) во шесте земји од Регионот на Западниот Балкан, како што е предвидено во Повеќегодишниот акциски план, донесен на Самитот на Премиерите на земјите од Западниот Балкан, одржан во Трст, во јули 2017 г., а како дел од Берлинскиот процес,
Одново изразувајќи ја заложбата за основање на Регионалната економска областа во шесте земји од Регионот на Западниот Балкана, врз основа на начелото на сѐвклученост и начелото на ЕУ за „четирите слободи“: слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, при тоа надоврзувајќи се на заложбите на земјите од Регионот, како и на ЦЕФТА, СТО, како и Договорот на СТО за олеснување трговијата, Повеќегодишниот акциски план за Регионална економска областа и други,
Реафирмирајќи ја нашата заложба во однос на Повеќегодишниот акциски план (ПГАП), го поздравуваме досега постигнатиот напредок во четирите темелни области: трговија, инвестиции, мобилност и дигитална интеграција,
Земајќи ги предвид и настојувајќи да се забрза спроведувањето на „Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните Држави – членки и Република Србија“, „Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните Држави – членки и Република Албанија“ и „Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните Држави – членки и Република Северна Македонија“ и нашите заложби, кои наоѓаат свој одраз во Стратегијата на ЕУ од февруари 2018 г. „Кредибилна перспектива за проширување за зајакнат ангажман на ЕУ во Западниот Балкан“,
Со ова ја изразуваме нашата намера за продлабочување на Регионалната економска областа во Западниот Балкан.
Од Самитот во Солун (2003 г.), процесот на регионална соработка се смета за инструмент за проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан. Со почетокот на Берлинскиот процес (2014 г.) и Самитот во Трст (2017 г.), концептот на регионална соработка се подигна на повисоко ниво, преку воведување на конкретни мерки, меѓу другото и во областите на инфраструктурата, трговијата, инвестициите, мобилноста и дигитализацијата. Проектот за воспоставување на заеднички пазар и интегриран Регион наоѓа свое место и подоцна во Стратегијата на ЕУ од февруари 2018 г., „Кредибилна перспектива за проширување за зајакнат ангажман на ЕУ во Западниот Балкан“. Се смета дека овој потфат е од суштинска важност за создавање нови можности за развој и за јакнење на капацитетите за генерирање на поголем раст во Регионот.
ЕУ е клучниот двигател на трансформацијата на целиот Регион, особено од изнесувањето на ветувањата за проширување. До постигнувањето на членство во ЕУ, на самиот Регион му треба итен поттик за раст. Следствено, лидерите на земјите од Западниот Балкан треба суштински да се ангажираат за да се употреби сè уште неискористениот потенцијал за развој на Балканот. Потребен е поактивен и креативен приод кон размената на стоки и капитал, движењето на луѓето и прекуграничната соработка, интегрирање на услугите и работната сила. Лидерите на земјите од Регионот мораат да ја преземат нивната одговорност за насочување на иднината на Регионот и да воведат политики чија цел е да се обезбеди слободно движење на луѓето и капиталот. Ова е од централно значење не само заради постигнување на повисок степен на интеграција во самиот Регион, туку и за поттикнување на вкупниот развој на целиот Регион на Западниот Балкан. Процесот на европска интеграција се одвива преку процесот на регионална соработка.
Сите шест земји од Регионот на Западниот Балкан настојуваат да се зачленат во Европската унија. Сепак остануваат големите структурни јазови меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан. БДП со пазарни цени во 28-те Држави – членки на ЕУ е повеќе од 10 пати поголем од оној во шесте земји во Западниот Балкан, кој во 2018 г. изнесуваше околу 108 милијарди евра, а стапката на невработеност во ЕУ истата година е скоро три пати пониска отколку во шесте земји од Регионот на Западниот Балкан. Ова покажува дека лидерите на земјите од Регионот на Западниот Балкан се соочуваат со итната потреба да се справат со структурната неурамнотеженост, која на долгорочна основа може лесно да стане пречка за зачленување во ЕУ. Покрај тоа, отворените прашања меѓу самите шест земји од Регионот на Западниот Балкан се пречка за економскиот развој и го намалуваат квалитетот на животот на граѓаните.
Досега процесот на регионална соработка донел полза за граѓаните на шесте држави од Регионот на Западниот Балкан. Од 2010 г., во економиите на земјите од Западниот Балкан отворени се повеќе од 600.000 работни места, а повеќе од 500.000 високо образовани лица станаа дел од пазарот на трудот. Ова резултираше со зголемување на обемот на извозот, зајакната конкурентност и присуство на пошироките меѓународни пазари. Процесот на регионална соработка, како што се предвидува во рамките на Повеќегодишниот план за Регионална економска област, дополнително ќе ги засили овие позитивни трендови.
Лидерите на земјите од Регионот на Западниот Балкан мора да се прилагодат на новото политичко и економско опкружување во Регионот. Мнозинството граѓани од земјите од Западниот Балкан веруваат дека регионалната соработка може да даде позитивен придонес кон економиите во нивните земји. Деловните лидери изразуваат загриженост во однос на бирократските бариери кои го попречуваат проширувањето на регионалните пазари. Потребна е посилна политичка заложба за да се создадат соодветни услови за постигнување повисоко и посоодветно ниво на економски раст.
Целосното и слободно движење на стоките, услугите, капиталот и работната сила во целиот Регион е најдобриот начин вака мал Регион да постигне раст во глобализирана економија, којашто постојано се менува. Со овој потфат би се приближиле околу 20 милиони луѓе во заеднички и хармонизиран пазар, што пак истовремено би резултирало и со подобар животен стандард во целиот Регион, како и со можности за граѓаните, истовремено подготвувајќи го целиот Регион за идното членство во ЕУ. Овој проект е инспириран од други постоечки и успешни модели на отворени региони како што се Бенелукс земјите или Нордискиот регион. Крајната цел на овој потфат е да се искористат некои од најдобрите практики, со кои конечно ќе се стави крај на царинските бариери на нашите граници и ќе се обезбеди слободно движење на лица, стоки и услуги во Регионот на Западниот Балкан.
Како прв чекор во овој правец, се залагаме да ги отстраниме граничните контроли и други пречки за слободното движење во Регионот што е можно поскоро, а не подоцна од 2021 година.
Според Светската банка, камионите минуваат околу 26 милиони часа годишно на граничните премини во Регионот на Западниот Балкан. Ова покажува дека има простор за значајно подобрување на приодот кој сега го применуваме, а кој ги прави нашите економии побавни и поскапи отколку што треба за да можат да се натпреваруваат на рамниште на глобалната економија.
Граѓаните ќе може да патуваат во целиот Регион со важечка лична карта. Ќе може да работат во која било земја од Регионот, штом ќе се стекнат со квалификации во една од земјите од Регионот. Дипломите треба да се признаваат меѓу сите земји од Регионот. Ќе ја интензивираме соработката во борба против транснационалниот организиран криминал и ќе се залагаме меѓусебно да си помагаме во справувањето со итни состојби, како што се природните катастрофи.
Ова е смела инцијатива и ќе продолжиме да работиме за да постигнеме практични резултати и солидарност, за да можат нашите граѓани да ја видат ползата која ќе произлезе во овој контекст.
За оваа цел повторно ќе се сретнеме на 10 ноември, во Охрид“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

