Македонија
Заканите за бомби во средните училишта во Скопје се дел од хибридна војна, оценува Ковачевски
Заканите за бомби во средните училишта во Скопје се дел од хибридна војна која има цел да внесе вознемиреност во државата, рече утрово премиерот Димитар Ковачевски.
Тој објасни дека целиот регион е под хибридни напади.
„Ако порано на цела територија на Европа се воделе војни со оружје, сега имаме на дел од територијата на Европа каде што се води војна со оружје, со нападот на Русија врз Украина, меѓутоа во другите делови се води таканаречена хибридна војна каде што преку најразлични методи се прави вознемиреност во државата. Ова што се случува е исто така дел од таа стратегија за хибридни напади. Вие мора да бидете свесни дека Министерството за внатрешни работи при такви дојави мора да интервенира, бидејќи се работи за училишта и не случајно тие таргетираат училишта бидејќи најосетливи се луѓето кога се работи за училишта, бидејќи нашите деца учат во тие училишта и моите деца и вашите деца и на сите други. Министерството нормално дека интервенира. Секторот за економски криминал нормално дека согласно своите надлежности ги испитува сите можни податоци за да се дознае од каде доаѓаат тие лажни дојави коишто беа до денес. Јас се надевам дека тие што го прават тоа ќе сфатат дека Европа треба да живее во мир, а не во страв и неизвесност“, рече Ковачевски.
Дојави за бомби, трета недела по ред, добиваат скопските средни училишта. Утрово четири средни училишта беа евакуирани откако на електронските адреси добиле закани за подметнати бомби.
За хакерските напади на неколку институции изминатиов период Ковачевски вели дека исто така биле дел од таа хибридна војна, а за справувањето со последиците објасни дека нашите тимови работеле заедно со најразвиените тимови во делот за справување со хакерски напади од НАТО-партнерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

