Македонија
Законите за „Бехтел и Енка“ на тест кај Пендаровски
Собранието даде зелено светло, сега претседателот Стево Пендаровски ќе го каже својот став за законските решенија за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д.
Ставот ќе биде изграден врз основа на анализата којашто тој и неговиот правен тим ќе ја направи за овие закони.
Премиерот Димитар Ковачевски, како што вели, верува во правните познавања на шефот на државата и на неговиот правен тим.
,,Никогаш не ги прејудицирам одлуките на претседателот на државата или на претседателот на Собранието, тие се посебни власти во државата. Јас лично, зборувајќи во мое име, сметам дека се работи за закони коишто се потребни заради изградба и тоа не само на овој проект, бидејќи ако ги погледне законите – се работи за усогласување на нашето законодавство за побрзо, поевтино и поефикасно проектирање и изведба на инфраструктурни проекти во патната, железничката, гасната и електричната инфраструктура во државата“,изјави Ковачевски.
Пендаровски веќе изјави дека нема да го потпише Указот на Законот за работни односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ако правосудството работи по закон, и мојата плата ќе им ја донирам, рече Мицкоски кој засега не поддржува зголемување на примањата на судиите и обвинителите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор, коментирајќи ги шесте предложени реформи во законите од областа на судството и обвинителството. Тој порача дека главната реформа во тие закони е токму зголемувањето на платите, што според него е неприфатливо поради состојбата со буџетот.
Мицкоски наведе дека следната година државата треба да врати над 2 милијарди евра долг, поради задолжувањата од минатото, и дека покрај тоа треба да обезбеди пари за плати, пензии и социјални трошоци.
„Ако некои мислат дека треба да им ги дуплираме платите на судиите и обвинителите – нека кажат. Еве, јас ќе ја донирам мојата плата. Ама да обвинуват и да судат според законите“, изјави премиерот, додавајќи дека нема да поддржи реформи чија суштина е само финансиско зголемување и додаде: „Знам дека ќе ме нападнат, но моралот не ми дозволува да се согласам со тоа“.
Премиерот во таа насока додаде и дека Македонија не може да троши повеќе средства на правосудството отколку најразвиените земји во Европа.
Мицкоски најави и дека Владата до крајот на годината ќе достави измени на Кривичниот законик во Собранието. Ги обвини претходните власти за измените на Кривичниот законик кои, како што рече, овозможиле политичка амнестија.
На новинарско прашање во врска со процесот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Мицкоски рече: „Што се однесува до Љупчо Коцевски, почекајте и ќе видите.“
Македонија
Поставен камен-темелник за новата спортска сала во ООУ „Блаже Конески“
Со свечено поставување на камен-темелник денеска официјално започна изградбата на новата спортска сала во рамките на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, со што стартува втората фаза од доградбата на ова училиште – еден од најзначајните и најголеми капитални проекти во Општина Аеродром.
На површина од 1.800 метри квадратни, втората фаза опфаќа изградба на современа спортска сала, како и 10 нови училници, кабинет за информатика, нова библиотека и простран хол за дружење и заеднички активност. Партерно уредување на целиот двор на училиштето со нова урбана опрема, ново отворено спортско игралиште, садници и зеленило.
Училиштето ќе добие комплетно нова опрема, клупи, столчиња, плакари, табли. Исто така, ќе биде изграден и нов паркинг за потребите на училиштето. Со изградбата на новата сала, ООУ „Блаже Конески“ ќе добие вкупно две спортски сали, современо опремени за спроведување на квалитетна настава по физичко и здравствено образование, што ќе придонесе за подобрување на спортските активности и развојот на младите.
Вкупната вредност на втората фаза изнесува 253 милиони денари, со предвиден рок за изведба од 18 месеци.
„Со овој камен-темелник започнуваме ново поглавје во развојот на образованието во Аеродром. ‘Блаже Конески’ е едно од најстарите училишта во нашата општина, изградено уште во 1954 година. Создаваме подобри услови за учениците и наставниците, и со тоа покажуваме дека нашите ветувања не остануваат само зборови,“ изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот, истакна дека Владата ќе продолжи да поддржува вакви проекти кои инвестираат во иднината на децата.
„Станува збор за многу значајна инвестиција со која ќе им се овозможи на децата да учат и да растат во современи услови. Како Влада, ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите иницијативи што создаваат подобра иднина за младите,“ рече Мицкоски.
Во првата фаза од проектот, која е при крај, училиштето добива десет нови училници и осум кабинети по предметна настава, како и голем хол со бина, главни скали и лифт, кујна со трпезарија, нови тоалети и санитарии за лица со попреченост.
Со реализацијата на втората фаза, „Блаже Конески“ ќе прерасне во едно од најсовремените училишта во земјата – простор во кој знаењето, спортот и пријателството ќе бидат темел на новите генерации.
Македонија
(Видео) „Анима мунди“ бара итно одземање на кучињата од прифатилиште во Битола поради долгогодишна негрижа
Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, заедно со други организации, поднесе официјално барање до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за итно одземање на кучињата од битолското прифатилиште управувано од Л.С. (19), наведувајќи сериозни наводи за повеќегодишна запоставеност и нечовечко постапување кон животните.
Според соопштението на здружението, состојбата во прифатилиштето со години е состојба на преживување, а не на живеење. Од таму велат дека кучињата често останувале без храна и вода со денови, а кога добивале храна – тоа бил само леб. Наводно, водата била ретка дури и во летните горештини, а многу од животните биле болни, со видливи рани и инфекции кои не биле третирани.
Во соопштението се наведува дека животните не добивале ветеринарна нега, дека не биле стерилизирани и дека младенчињата кои се раѓале умирале за неколку дена поради глад, зарази или студ. Телата на угинатите животни, како што тврдат од здружението, останувале меѓу живите, распаѓајќи се или станувајќи храна за другите кучиња.
„Анима Мунди“ посочува дека постојат видеа и фотографии собрани од 2022 година до денес кои ја документираат оваа состојба, а дека и покрај редовните донации, условите за животните не се подобриле.
ВИДЕО на ЛИНКОТ
Здружението нагласува дека случајот не е изолиран, туку покажува како може да се злоупотреби довербата на граѓаните, здруженијата и донаторите. Со поднесеното барање до АХВ, доставени се докази, сведоштва и видео материјали.
„Нашата должност не е само да спасуваме животни, туку и да зборуваме кога тишината станува соучесник“, стои во соопштението.
Здружението додава дека животните мора да се згрижат под безбедни и хумани услови и дека ќе продолжи да бара одговорност за, како што наведува, долгогодишната негрижа.

