Македонија
Законот за јазици по вторпат изгласан во Собранието, без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ
Законот за јазици по вторпат изгласан во Собранието, без поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Со 64 гласа Законот го помина собранискиот филтер. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ова е неуставно. Во текот на седницата неколкупати побараа изјаснување од Мандатно-имунитетната комисија, чиј претседател вели дека Комисијата може да се состане дури откако седницата ќе биде завршена. ВМРО-ДПМНЕ, пак, упати писмено барање Мандатно-имунитетната комисија да каже дали пратениците можат да поднесат амандани а тие да се разгледани на седница.
Во текот на седницата пратениците од опозицијата побара две паузи, кои беа одобрени од собранискиот спикер Талат Џафери. На седницата имаше и физички напад врз претседателот на Собранието, Талат Џафери, од страна на пратеникот Никола Груевски.
По изгласување на Законот, Груевски се качи повторно на собранискиот пулт каде што се наоѓаше претседателот на Собранието, Талат Џафери. Претседателот Ѓорги Иванов, со чиј потпис Законот требаше да биде објавен во Службен весник, а потоа да влезе во сила, одби да го потпише. Претходно претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ му понуди договор на премиерот Заев да не го гласаат Законот за јазици, а за возврат да добијат поддршка за рефомските закони.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, претходно тврдеше дека Законот нема да биде изгласан. Тие не откриваат како ќе постапуваат во натамошниот период, односно дали ќе ги блокираат Собранието и реформските закони, а некои од нив не може да се изгласаат без нивна поддршка. Законот за јазици беше клучот за составување на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ. За Законот гласаше и Алијанса за Албанците, која не е дел од власта.
По изгласување на Законот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги навредуваа колегите од СДСМ нарекувајќи ги „насилници“ и притоа не признаваат дека Законот за јазици е изгласан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По срамниот настап во Собранието, Џихан Ахмед ја повлече кандидатурата за членка на комисијата за заштита од дискриминација
Џихан Ахмед ја повлече својата кандидатура за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, откако нејзиниот настап во Собранието предизвика бурни реакции и остри критики од јавноста.
Ахмед испратила известување до Собранието дека ја повлекува кандидатурата.
На прашање од претставници на граѓанските организации во Собранието, таа не успеа да покаже основно познавање на Истанбулската конвенција која е клучен меѓународен документ за заштита на жените од родово-базирано насилство и дискриминација.
Ахмед зборуваше за Истанбул како град и за историскиот период на Мустафа Кемал Ататурк и мислеше дека е прашана за тоа каква е состојбата денеска во Истанбул.
Ахмед дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан први“, а магистрирала на Европскиот универзитет.
Македонија
(Видео) Филипче: Поддршка за протестот на работниците, платите за време на СДСМ драстично пораснаа
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска изрази целосна поддршка за протестот на Сојузот на синдикати на Македонија и за барањата на работниците упатени до Владата.
„Вчера попладне имавме состанок на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и зазедовме став да се поддржи денешниот протест на Сојузот на синдикати на Македонија и да се поддржат барањата коишто работниците ги имаат до Владата. Сметам дека барањата се реални, дека се објективни, дека поголема плата е заслужена и вистински потребна и за преживување на работничките семејства во државата. Јас жалам што завршија добрите пракси од минатото, од времето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија кога во континуитет растеа и минималната плата и просечната плата. Минималната плата скоро се дуплираше и просечната плата исто, и тоа во време на најголеми кризи како што светот немаше видено тогаш, ковид кризата и енергетската криза“, истакна Филипче.
Тоа, како што рече, е резултат на една добро водена економска политика во државата, кога во државата имаше и добра реализација на капитални инвестиции, кога имаше и странски инвестиции, а сето тоа во оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, го нема, лошо функционира.
„Едноставно сме соочени со ситуација во којашто се што владата прави се само нови и нови задолжувања, кои што ќе ги враќаат следните генерации. Даваме максимална поддршка за денешниот протест. Жалам што пред неколку месеци оваа власт не го поддржа нашиот предлог за зголемување на минималната плата. Ние ќе продолжиме и понатаму, во следниот период да изнаоѓаме и предлагаме законски решенија со што ќе го подобриме стандардот на граѓаните“.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Наградата „Феникс“ е силна порака дека Центар ги вреднува знаењето, талентот и истрајноста
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја додели највисоката општинска награда „Феникс“ за постигнувања во науката, уметноста, културата, спортот, воспитувањето и образованието за 2025 година.

Герасимовски потенцираше дека Општината и Советот ќе продолжат да ги поттикнуваат и вреднуваат трудот и успехот на своите жители.

„Наградата е признание за посветеноста и талентот на нашите сограѓани, кои ја афирмираат Општина Центар на домашната и меѓународната сцена. Особено ме радува фактот што добитниците се млади центарци, кои допрва ќе го градат својот живот и кариера“, нагласи Герасимовски, честитајќи им на наградените.
Тој им посака да продолжат со усовршување во науката, на спортските терени и во уметноста.

Добитници на „Феникс“ се:
Софија Пиштолова, ученичка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ – модерни танци
Марко Татули, ученик во СУГД „Методија Митевски Брицо“ – боречки спортови
Кристијан Јанев, ученик во СУГД „Орце Николов“ – тенис
Тамара Танеска, ученичка во ООУ „Кочо Рацин“ – природни науки
Виктор Вранишкоски, ученик во ООУ „Коле Неделковски“ – пливање
Томи Тодоровски, ученик во ООУ „Киро Глигоров“ – триатлон
Наградените добија дипломи и паричен износ од 30.000 денари.

Признанието „Феникс“ го носи името на митолошката птица феникс, симбол на Општина Центар, кој ја претставува истрајноста, обновата и успехот.

