Македонија
Запечатена кафеана во Чаир во која имало 15 гости и покрај забраната

Затворен е угостителски објект на улицата Џон Кенеди кој работел по пропишаното работно време, а приведени се 15 лица кои биле затеканти од страна на инспекторите.
„На 30.04.2021 во 21.20 часот на подрачјето на Бит Пазар од страна на полициски службеници од СВР Скопје се лишени од слобода 15 лица, меѓу кои и еден малолетник, сите од скопско, бидејќи биле затекнати како гости при извршена контрола од страна на инспектори од Државен пазарен инспекторат, во содејство со полициски службеници во угостителски објект на ул.„Џон Кенеди“, кој работел после пропишаното работно време“, соопшти МВР.
Од страна на ДПИ објектот е запечатен со пломба и затворен и, а против лицата ќе биде поднесена кривична пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коњановски вети големи проекти, како реконструкција на улици, нов мост и инвестиции во спортот

На денешниот Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, свое обраќање имаше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој ги претстави проектите и инвестициите што се реализираат во градот.
Коњановски истакна дека општината вложува во инфраструктурата преку целосна реконструкција на улици со водоводна и канализациона мрежа. Според него, веќе е завршена првата третина од комплетната реконструкција на 800-метарскиот влез во Битола – долгогодишен проблем на градот.
„Направивме над 50 километри улици и во урбаните и во руралните средини. Улицата Бурса го решава густиот транспорт, влезот спрема Охрид е дооформен со нов мост, а реконструирани се и неколку поголеми улици како Крушевска Република и Стив Наумов“, изјави Коњановски.
Градоначалникот најави и големи инвестиции во спортот – реконструкција на стадионот „Петар Милошевски“, изградба на нова боксерска сала, велосипедски патеки и памп трака за рекреација.
„Стадионот го подготвуваме во полн сјај за претстојните натпревари, реконструкцијата на јужната трибина е огромен проект за градот. Во непосредна близина изградивме нова боксерска сала на местото на старата руина, а реконструиравме и спортска сала која по многу години повторно ги исполнува условите за Лигата на шампионите“, рече Коњановски.
Покрај тоа, општината веќе изгради два нови паркинга, а со проектите поддржани од Владата се очекуваат уште пет. Битола издвојува и значителни средства за спортските клубови – над 1,5 милиони евра годишно.
„Првите велосипедски патеки се завршени – повеќе од 5,5 километри со комплетно обележување, но тука не застануваме“, додаде градоначалникот.
Македонија
Тврдењата на д-р Кедев за операциите во приватните болници ќе ги „чешлаат“ експерти од Словенија, Италија и од Германија

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека до понеделник ќе биде комплетирана листата со странски експерти кои ќе ја анализираат праксата на приватните болници и ќе утврдуваат дали се извршувале непотребни операции кај пациенти.
„Еден експерт ќе биде од Словенија, вториот е од Италија, а за третиот се разгледуваат кандидати од Австрија и Германија“, изјави Алиу за ТВ 24.
Министерот нагласи дека ангажирањето на странски експерти е направено за да се обезбеди поголема објективност и точна проценка на состојбата во приватните здравствени установи.
Во меѓувреме, Министерството за здравство ја подготвува и методологијата по која ќе се опфатат здравствените установи од приватниот и јавниот сектор. Од приватните болници ќе се бара до 15 септември да достават целосен список на интервенции до Министерството.
Овие мерки следат по изјавата на професор д-р Сашко Кедев дека во одредени приватни болници се извршувале операции за профит, иако тие интервенции не биле медицински неопходни.
Македонија
Изјавите на премиерот се опасни и провокативни, велат од ДУИ

Денешните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, според ДУИ, не претставуваат само „чисти клевети“ и обид за сокривање на кризата на легитимитетот на неговата влада, туку се и опасни, бидејќи можат да поттикнат етнички судири.
„ДУИ отсекогаш била гаранција за слободни и демократски избори. Немаме никаква причина да се вклучуваме во ‘тајни планови’ или ‘хаос’, како што тврди Мицкоски“, велат од партијата.
Во соопштението се потенцира дека премиерот, наместо да измислува непријатели, треба да објасни зошто неговата влада го крши Уставот и дискриминира Албанците, зошто го намалува бројот на советници и ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции во корист на партиските и моноетничките планови.
„Со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година“, се наведува во реакцијата.
ДУИ предупредува и на штетната соработка помеѓу ВМРО и СДСМ, која, според партијата, го дискриминира претставувањето на дијаспората и го крши Охридскиот рамковен договор.
„Добро е ВМРО и СДСМ да ја прекинат нивната соработка на штета на Албанците и другите заедници, спротивно на Уставот и законите“, порачуваат од ДУИ.
Партијата истакнува дека октомвриските избори ќе бидат тест на граѓанската волја и референдум за политиката на страв, манипулации и демонтажа на мултиетничката држава.
„Демократијата не се плаши од невистинити изјави. Ниту Албанците, ниту Македонците не заслужуваат да бидат водени од клевети и лажни сценарија. А каде ќе биде ДУИ, тоа зависи единствено од народот“, заклучуваат од партијата.